Се одложи денешното прво судско рочиште за случајот против новинарот Драган Павловиќ-Латас и јутјуберот Стефан Лазаров, кои се обвинети за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

Јутуберот Стефан Лазаров и новинарот Драган Павловиќ – Латас седнаа на обвинителна клупа поради интервјуто преку кое, според Обвинителството, се промовирало насилство кон жени. Рочиштето се одложи оти адвокатката на Латас имала друго рочиште на кое требало да присуствува, а каде што се испитувале сведоци. Судијката Дијана Груевска-Илиевска посочи дека следен пат, ако таа не биде тука, рочиштето нема да се одложи.
На наредното рочиште, откако обвинетите ќе го чујат обвинението, ќе може да се произнесат дали се чувствуваат виновни или не за делото за кое се гонат. Интервјуто наиде и на осуди од невладиниот сектор, кој се грижи за човековите права.
Обвинението беше поднесено на крајот на февруари. Латас и Лазаров се гонат за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.
„Двајцата обвинети преку компјутерски систем ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја што промовира насилство кон жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста. Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на јутјуб-канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување“, соопшти Обвинителството.





