Откако исчезнале 653 куршуми за време на неодамнешното воено повлекување, севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун го стави под карантин градот Хесан од 200.000 жители, а во тек е пребарување на куќите, јавува Дејли мејл.



„Градот ќе остане затворен додека не се пронајдат сите 653 куршуми“, изјави жител кој сакаше да остане анонимен од безбедносни причини.

Исчезнувањето на муницијата за автоматска пушка беше откриено на 7 март кога војниците на седмиот корпус на корејската армија се повлекуваа од околината на градот, кој се наоѓа на границата со Кина.

„Тие целосно се повлекоа меѓу 25 февруари и 10 март, но беше започната опсежна истрага поради исчезнатите куршуми за време на процесот на евакуација“, изјави неименуван жител.

Војниците не го пријавиле веднаш исчезнувањето на муницијата, туку се обиделе да ги најдат куршумите, рекол изворот. Но кога не успеале, ги известиле граѓаните и почнала голема потрага.

Жителите на Хесан стравуваат дека доколку не се најде муницијата, властите по случаен избор ќе казнуваат невини луѓе.