Џамбаски: Пописот во Македонија ќе ја преврти историјата на Балканот!

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски е уверен дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка нема да остане само на хартија, ставајќи го во корелација со следниот попис во Македонија, кој, според него, ќе ја сменел историјата на Балканот!



„Заедно со тој договор беше признато и бугарското малцинство во Албанија. Географски, Бугарија се наоѓа на источната страна на полуостровот, Албанија на западната, а меѓу нас и Албанија е Македонија. Ако во Бугарија живеат Бугари и ако во Албанија живеат Бугари, логичен одговор на прашањето какви се луѓето во средина е дека не може да се нешто различно. Многу е просто и интересно: сегашниот премиер на Македонија и градоначалникот на Петрич се паѓаат втори или трети братучеди. Сосем очигледно е, бидејќи господинот Заев е од Струмица, блиску до Петрич. Веќе видовте дека тој даде јасни изјави, јасно кажа дека на следниот попис ќе се пребројуваат и Бугарите. Тоа е нешто што ќе ја преврти историјата на Бугарија и на Балканот. Уште нешто многу важно – тој даде јасна најава за промена во учебниците по историја, од кои ќе отпаднат негативните квалификации за Бугарија. Во моментов македонизмот претставува еден ѕид бомбардиран од сите страни“, изјави заменикот претседател на софиското ВМРО за телевизијата Bulgaria on air.

Џамбаски се согласува со прогласувањето на договорот меѓу Македонија и Бугарија за настан на годината според радиото Дарик, кое него и уште тројца бугарски европратеници ги избра за политичари на годината во земјата.

„Да, категорично, договорот е настан на годината. Знам дека тоа не е тема што ги полни ладилниците на луѓето или ги вдахновува на некаков секојдневен начин, но без сомнение тој договор е еден чекор кој Бугарија се обидува да го направи сто години. Од 1903 година, од најголемото бугарско востание, илинденско-преображенското, преку 1912-1913 година, 1915-1919, 1941-1944, ние се обидуваме да го довршиме националното обединување и да завршиме еден дел од тој циклус на бугарската нација. Сега успеавме истовремено да потпишеме договор за добрососедство и да ја затвориме антибугарската позиција, антибугарската линија на однесувањето во Скопје, која беше доминирана од Белград. Теоријата на таа фалшлива доктрина наречена македонизам е измислена во Белград во 1860-тите години од еден српски министер за надворешни работи, а потоа била преземена од Коминтерната во 30-тите години од минатиот век. Таа била водечка линија на Балканот долги години, кога идејата била Белград и Атина да бидат оската што ќе ја води политиката на Балканот“, рече Џамбаски во емисијата „Бугарија наутро“.