Точно една година по немилите сцени на вечното ракометни дерби Вардар – Еурофарм Пелистер во Скопје речиси идентична хулиганска претстава во арената „Јане Сандански“ пред очите на полицијата.
Само што влегоа „чкембарите“ во заградениот дел од трибината зад едниот гол во средината на првото полувреме, веднаш се обидоа да ја отстранат заштитната ограда и почнаа да фрлаат факели кон најблиските гледачи, кои им ги враќаа во „кафезот“.
Еден дел од „комитите“ во меѓувреме се симнаа на теренот и тргнаа со намера да се пресметаат со гостинските фанови, фрлајќи предмети кон нив, а домашните играчи пробуваа да ги смират.
На „органите на редот“ им требаше цела вечност да ја стават ситуацијата под контрола, за мечот од разигрувањето за шампионската титула да продолжи и на крајот Вардар да слави со 31:24.







