Анализата на Генералштабот за тоа дали земјава може да ги донира хеликоптерите Ми-24 е завршена и на следната владина седница ќе биде доставен предлог за донесување на одлука со која Македонија ќе и донира 12 хеликоптери на Украина, изјави во синоќешното гостување на 360 степени, министерката за одбрана Славјанка Петровска.



Ова ќе биде осма донација од Македонија за Украина.

Според министерката донацијата на хеликоптерите, инаку пороизведени во 1984-та, нема да влијае на борбената готовност на Армијата.

„Сета опрема која што досега беше донирана … опрема која согласно нашите планови за модернизација веќе е на истекот на користење, нема да биде во составен дел на нашето вооружување и многу е извесно дека за кус временски период, ќе требаше да ни биде наплатено за да ја уништиме“, рече министерката.

Според Петровска, проценката на вредноста на донациите – без најавената донација на хеликоптери -изнесува околу 30 милиони евра.

Истовбремено, таа нагласи дека за само помалку од една година Македонија беше поддржана од САД со 139 милиони долари, наменети за набавка на нова, најсофистицирана опрема.

Во план е набавка на нови хеликоптери, а министерката информираше дека во завршна фаза е деталната евалуација на петте пристигнати понуди за набавка на повеќенаменски хеликоптери и анализата за тоа дали тие се во согласност со нашите барања и потреби.

Станува збор за набавка на осум повеќенаменски хеликоптери.