САД го засилуваат притисокот за внесување на Бугарите во Уставот – македонските сили мора да се обединат како во 1941 против распадот на Македонија

Пишува: м-р Свето Тоевски



Од денес преминува на ново, многу високо рамниште притисокот на Соединетите Американски Држави врз Македонија да го промени својот Устав, за да го внесе „државотворниот бугарски народ“ во неговата преамбула.

 „На свое барање советникот на американскиот Стејт департмент Дерек Шоле оствари телефонски разговор со премиерот Ковачевски во присуство на вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ и амбасадорката на САД Анџела Агелер. Премиерот Ковачевски и советникот Шоле разговараа за повеќе актуелни прашања со фокус на евроинтеграцискиот процес на * Македонија. Беше потврдена постојаната поддршка на САД за заложбите на државата за исполнување на критериумите за влез во ЕУ.“ – соопшти Владата.

Шоле наместо Ескобар

Досега за притисокот врз Македонија да го промени Уставот беше задолжен главно Габриел Ескобар, заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан. Уште на 30 декември 2022 година во разговор со министерот за надворешни работи Ескобар го нагласи „фокусот на земјата врз европското досие и исполнување на преземената обврска за уставни измени“.

Воопшто не спомнувајќи Македонци, македонски народ, во интервјуто за „Павлович тудеј“ на 2 февруари 2023 година Ескобар ги посочи „итните прашања“, кои „Православниот народ и Албанците во * Македонија мора да ги решат“: „Сега мора да тргнат напред во спроведувањето на договорот и на уставните промени. Во тоа интервју „Павлович тудеј“ го напиша и ова: „Ескобар посебно на осврна на тој договор, постигнат со посредување на ЕУ, за да ја промени * Македонија преамбулата на својот Устав и да ги признае Бугарите како конститутивна етничка група. ‘Мислам дека тоа не е проблем. Тие треба да го сторат тоа.- истакна Ескобар“.

Пораката на Мицковски и ВМРО ДПМНЕ – „иницијална каписла“ САД да го засилат притисокот

Очигледно е дека Габриел Ескобар не успева во својата „убедувачка мисија“. Индикативно е што советникот Шоле сам побарал и остварил средба со премиерот Ковачевски за тоа „државата да ги исполни критериумите за влез во ЕУ“ токму денес, откако претседателот на ВМРО ДПМНЕ категорично порача дека лично „нема да се помести ниту милиметар и ќе ги истрпи сите притисоци за менување на Уставот од кај и да идат“, а оти „овој Парламент нема мандат да менува Устав“.

Ќе продолжат, притисоците нема да престанат. Ако мислите дека ќе се откажат, нема да се откажат. Затоа што овие од Владата бараат да се прават притисоци. Јас немам проблем да ги истрпам тие притисоци. Тие притисоци се и ќе продолжат. Дали се жестоки? Да, жестоки се. Но, она што е поразлично од Преспа е што ВМРО-ДПМНЕ е консолидирано, обединето, и нема слаба алка внатре. Сега га ВМРО-ДПМНЕ како целина е центар на влијание. Единствено е ВМРО-ДПМНЕ, политичките ликови во ВМРО-ДПМНЕ се единствени не затоа што водиме инает… Веруваме дека ова што го правиме е историја, генерациите по нас нека судат дали сме постапувале правилно… Сакам да знаат и мојата порака: е јас лично ни милиметар нема да се поместам и ќе ги истрпам сите притисоци од каде и да идат“ – нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Што ќе се случува отсега натаму , дали Соединетите Американски Држави ќе успеат овојпат да го скршат отпорот кон промените на Уставот? Мора да се нагласи дека Дерек Шоле е многу висока политичка личност не само во американското Министерство за надворешни работи, туку и воопшто во американската политика. Тој е многу повисоко позициониран од Габриел Ескобар. Соработувал со врвните американски дипломати Џејмс Бејкер, Строуб Талбот и Ричард Холбрук. Се смета дека е творец на американската политика во Босна, Сирија, Русија иУкраина.

За да знаат македонските политички партии поподробно кој е човекот, што му се јавил денес и тоа самиот на премиерот Ковачевски во врска со уставните промени, го пренесувам веројатно најважниот дел дел од неговата биографија од официјалната интернет-страница на американскиот Стејт Департмент: „Дерек Шоле е Советник на Стејт департментот на САД, каде што служи во ранг на потсекретар и како виш политички советник на државниот секретар за широк спектар на прашања и врши специјални дипломатски задачи, како што е наложено од секретарот. Шоле претходно имаше позиции во Стејт Департментот, Белата куќа и Министерството за одбрана.“

„Надвор од Владата Шоле имаше различни позиции во водечки истражувачки институции. Од 2016-2020 служеше како извршен потпретседател и виш советник за безбедносна и одбранбена политика во Германскиот Маршалов фонд на Соединетите Американски Држави. Бил истражувач во Центарот за нова американска безбедност, во Центарот за стратегиски и меѓународни студии, во Брукингс институцијата, Центарот за глобални работи ‘Кисинџер’ во Школата за напредни меѓународни студии при Универзитетот ‘Џон Хопкинс’ и во Американската академија во Берлин.“

„Дерек Шоле е автор, соавтор, или соуредник на осум книги за надворешната политика на САД и е добитник на бројни почести и награди, вклучувајќи медал на Министерството за одбрана на САД за истакната јавна служба, медал на американскиот секретар за одбрана за исклучителна јавна служба и награда за ‘врвна чест’ на Стејт департментот на САД.“

Шоле во специјална дипломатска задача, наложена лично од државниот секретар на САД Блинкен?

Зошто го наведовме сево ова од официјалната биографија на Шоле? За да укажеме дека ситуацијата станува крајно сериозна, многу е веројатно дека Шоле од денес пристапува во реализација на специјална дипломатска задача, која му е наложена директно од американскиот државен секретар Ентони Блинкен, да издејствува промена на македонскиот Устав.

Ќе успее ли Шоле? За да не успее и тој, од денес мора максимално да ги збијат своите редови не само ВМРО ДПМНЕ, туку и сиот македонски народ, иако веќе ја искажа својата политичка волја никој да не гиба во Уставот на неговата држава. Потребно е конечно да се огласат во јавноста и оние функционери, или затскриени пратеници во СДСМ, или во владејачката коалиција, кои се спротивставуваат на бугаризацијата на Македонија и македонскиот народ. Ако ги има навистина, како што се наспоменува…

Историскиот императив да се зачува сопствената држава и народ од уништување е многу повисок од идеолошките и партиските разлики меѓу македонските партии од левицата и десницата, затоа мора да дојде до нивно макар привремено обединување и сплотување против менувањето на Уставот. Само на ваков начин ќе им се испрати соодветна и моќна порака на САД, на Европската Унија, на Германија, Англија и сите други меѓународни фактори дека македонскиот народ и неговите политички репрезенти нема да го дозволат разнебитувањето на Македонија како држава.

Нема да иронизирам: ако не успее Шоле, би требало да се очекува во Македонија да дојде и Ентони Блинкен, но, ако ќе биде потребно, на крај ќе дојде и лично американскиот претседател Бајден. Се со цел Македонија конечно да отиде „курбан“и целосно да се „прекрои“ Балканот согласно со американските геостратегиски планови, во кои си се вклопени Грција со својот „Преспански договор“, Бугарија со својот „Бугарски договор“ и Албанија заедно со обединетиот регионален албански политички фактор со нивната платформа за Велика Албанија.

Потребно е обединување, како во 1941-вата…

Во 1941 година македонските комунисти и илинденците се најдоа на иста, заедничка страна и успеаја во народноослободителната борба да го поведат македонскиот народ и заеднички да се успее да се создаде македонската држава без ничија помош. Вакво национално и политичко содејство е потребно и сега во овие мигови, можеби најкритични за Македонија уште од Илинденското востание, за да се зачуваат таа како држава и македонската нација од, како што тоа сликовито го кажа историчарот Александар Литовски,  „великобугарските и санстефански вампири“, поддржани од ЕУ и САД.

Се готват огромни и катастрофални воено-политички турбуленции не само во Балканот и Европа, туку и во Азија, а македонските политички сили мора да се сплотат и се да сторат Македонија да ја тргнат и да ја одржат настрана од „линијата на огнот“, како што имаше кажано американскиот државен секретар Џон Кери своевремено. Речиси „невозможна мисија“, но жртвувањето на сите оние што загинаа за Македонското дело, за слободата на Македонија и Македонците, наложува по секоја цена да се успее таа „невозможна мисија“ да стане можна.

Поразот на великобугарската хегемонистичка политика со отфрлањето чиј било притисок да се чепка во Уставот ќе биде само една од фазите во сиот тој долг процес на спречувањето на распадот на Македонија. Зашто, има повеќе „заинтересирани страни“ таа да се распадне. Тие „страни“ чекаат на ова повеќе од еден век…