Европската Унија ја осудува незаконската закана на заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, да употреби сила против Меѓународниот кривичен суд (МКС) и неговата земја домаќин, Холандија, соопшти денеска Службата за надворешни работи на ЕУ.
Таа, исто така, „жали поради мерките соопштени од Русија против обвинителот на МКС и судиите вклучени во издавањето налози за апсење на руски претставници“, се вели во соопштението на ЕУ. Се додава дека ЕУ целосно ја поддржува работата на МКС и дека секоја мерка на одмазда кон инволвираните во работата на МКС е неприфатлива.
Во водењето на борбата против неказнивоста, МКС мора да биде способен да работи независно и непристрасно. ЕУ додава дека „останува посветена на одбраната на Судот од какво било надворешно мешање насочено кон попречување на текот на правдата и поткопување на меѓународниот казнено-правен систем“.
„ЕУ ќе продолжи да се залага за универзалност на Римскиот статут и ги повикува сите држави што сè уште не го сториле тоа да размислат за приклучување кон МКС со цел да ѝ се стави крај на неказнивоста за најтешките злосторства“, се вели во соопштението. Во средата, МКС изрази загриженост по изјавата на Медведев дека е сосема можно да се замисли хиперсонична ракета истрелана од Северно Море од руски брод врз Хашкиот суд и дека апсењето на Владимир Путин во странство ќе биде објава на војна против Русија.
„Замислете оваа ситуација навистина да се случи. Претседателот на една нуклеарна сила пристигнува, да речеме, во Германија и е уапсен. Што значи тоа? Објавување војна на Русија. Ако тоа се случи, тогаш сите наши можности, проектили и слично, ќе паднат во рацете на Бундестагот, канцеларот и така натаму“, додаде Медведев.





