На платото пред спомен-куќата на Мајка Тереза на улица „Македонија“ во центарот на Скопје денеска напладне се одржа јубилејниот десетти марш на црвениот чадор во чест на Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници 17 декември.
Дел од одбележувањето на овој ден во организација на граѓанската иницијатива за промоција и унапредување на правата на сексуалните работници „СТАР-СТАР“ од Скопје и Колација „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ беше и вчерашниот перформанс „Скопје ред лајт дистрикт“ на излози на булевар „Св. Климент Охридски“.
Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници првпат беше одбележан во 2003 година како спомен и почит за жртвите-сексуални работници на убиецот од Грин Ривер во Сиетл, кој потоа беше осуден на доживотна казна затвор. Оттогаш на овој ден секоја година се организираат протестни маршови на сексуалните работници од целиот свет, кои се борат против насилството и дискриминацијата.
„Црвениот чадор е глобален симбол на сексуалната работа. Црвената боја е симбол на убавината, а чадорот е симбол на отпорот против дискриминацијата и насилството“, објаснуваат од „СТАР-СТАР“.





