За Маричиќ, за Бугарите во Уставот и за тресењето глупости

Бугарите бараат да бидат додадени во македонскиот Устав, но не за да се направела „јасна дистинкција“ меѓу нив и Македонците, како што сомнамбули Бојан Маричиќ.

Една од најглупавите тези со која се брани идејата за внесување на Бугарите во македонскиот Устав е мантрата на вицепремиерот Бојан Маричиќ дека со таа промена во Преамбулата, ние, Македонците, ќе сме биле „заштитени“ и дека никој веќе нема да можел да ни каже дека сме Бугари.



„Со додавањето на Бугарите како етничка заедница во Уставот се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ, Македонците, мнозински народ во Северна Македонија и Бугарите како етничка заедница во државата и како малцинство, според конвенциите“, вели Маричиќ.

О, боже…

Тврдењето на Маричиќ, освен што е глупаво, е и неточно. Имено, македонскиот Устав не познава малцинства. При толкувањето на меѓународните конвенции Македонија се обврзува припадниците на сите етнички заедници да ги третира како рамноправни граѓани на оваа земја, на начин што го исклучува означувањето на едни заедници како мнозински, а на други како малцински.

Не е до конвенциите, Маричиќу, до нашиот Устав е. Си го читал ли, човече?!

Тоа е неточноста во оваа теза. Тоа е таа крупна грешка од материјална природа.

Што се однесува до ступидноста на тврдењето дека со додавањето на Бугарите како етничка заедница во Уставот ќе се направела „јасна дистинкција“ помеѓу Македонците и Бугарите, верувам дека таа му боде очи на секој што размислува здраворазумски.

Та зарем седум децении по признавањето на самобитноста на македонската нација и по создавањето на македонската држава во 1944 година и три децении по нејзиното осамостојување, сме паднале на дереџето некојси Маричиќ сега да прави „јасна дистинкција“ меѓу Македонците и Бугарите?

Што сме правеле ние и нашите татковци и дедовци? Сме го чекале Маричиќа?

Досега таа „дистинкција“ не била јасна?

Та зарем Маричиќ не знаел дека Македонците се посебен народ и дека македонскиот јазик е посебен?!

Та зарем ние Македонците и Бугарите во сиве овие децении сме биле нешто како „сијамски близнаци“, па ете сега дошло време некој да нѐ раздвои?

Треба ли уште да се објаснува дека оваа теза е глупава и дека таа ѝ служи само на пропагандата на Владата, за да оправда еден проект за кој во овој момент не постои мнозинска политичка волја во Македонија, посебно меѓу Македонците?

Не треба. Јасно е…

Јас разбирам дека другарчињата презеле тешка обврска да ги внесат Бугарите во Уставот – предупредував на последиците од тоа, но нејсе, бидна – ама не верувам дека тие се обврзале да пласираат и вакви ступидни тези, кои немаат врска ниту со суштината на барањето Бугарите да станат дел од Уставот.

Реален проблем на проектот за внесување на Бугарите во Преамбулата на македонскиот Устав е тоа што Бугарија како држава и Бугарите во Бугарија и во Македонија ја негираат суштината на сите одредби во Уставот кои зборуваат за самобитноста на македонскиот народ, за историската генеза на македонската нација и за македонскиот јазик.

Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/marichi-u-ako-ste-kandisale-da-gi-vnesete-bugarite-vo-ustavot-ne-ste-zele-obvrska-da-tresete-gluposti/