Возачи на ЈСП на големо напуштаат работа, ќе има ли летово кој да ги вози автобусите?

Во ЈСП-Скопје не цветаат рози. Околу стотина возачи незадоволни од условите за работа одлучуваат да си заминат и да возат автобуси во меѓуградскиот и меѓународниот сообраќај каде што платите се поголеми, но голем дел од нив, пак, изненадувачки, решаваат да заминат во Англија и да берат јагоди или да работат некоја друга сезонска работа.



И покрај тоа што градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и в.д. директорот на ЈСП, Александар Стојковски, велат дека јавното претпријатие е во добра кондиција, сепак во претпријатието се подготвува вистински егзодус кој ќе резултира со недостиг на стотина возачи во следните два месеца.

Според информациите до коишто дојде Плусинфо, во јуни во пензија ќе заминат околу 50 лица, а тоа значи дека значително ќе се намали бројот на возачи, кој, според в.д. директорот Стојковски, изнесува 656 лица. Но, според нашите извори, во овој момент во ЈСП има нешто над 400 лица кои ги управуваат автобусите, а пак над 1.300 луѓе работат во администрацијата.

Околу стотина возачи се одлучиле да поднесат барање за неплатен одмор од 6 или 12 месеци, но како што нѐ информираа ваквото нешто им било забрането од страна на раководството на ЈСП Скопје, но и од градоначалничката Данела Арсовска. Поради тоа, веќе 30 возачи одлучиле да дадат отказ и да си заминат од фирмата иако таму работеле повеќе гоидни.

– Вистинска катастрофа се случува во ЈСП, условите за работа воопшто не се добри. Многупати ни ветуваа дека ќе имаме зголемување на платите, но освен тоа што законски ни следуваше од 2.800 денари ништо нема променето. Поради платата која излегува околу 32.000 денари со сите додатоци (ноќна смена, празници и слично), најголем дел од колегите одлучуваат да се вработат во компанија за меѓуградски превоз или во туристичките агенции кои нудат плата од најмалку 40.000 денари – ни изјави еден возач кој сакаше да остане анонимен.

Друг извор за Плусинфо сподели дека откако приватните превозници престанаа да бидат дел од јавниот превоз, во ЈСП биле примени околу 30 возачи за да ги покријат линиите кои претходно ги возеле. Според моменталната ситуација со приватните превозници, кои најверојатно повторно ќе возат по скопските улици од 1 април, дел од овие возачи, неофицијално, планираат повторно да се вратат на своите стари работни места.

Членови на високото раководство на ЈСП-Скопје, во неформален разговор за Плусинфо признаваат дека се соочуваат со сериозен број откази од возачи, но и со сериозно намалување на бројот на вработени со оглед на групата од триесетина возачи кои за два месеца треба да замине во пензија.

– Дури 17 возачи од гаражата на ЈСП во Ѓорче Петров и уште 12 возачи од гаражата во Автокоманда за два месеца заминуваат во пензија. Петмина возачи веќе им соопштиле на своите шефови дека ја напуштаат работата, а за уште десетина возачи се зборува дека наскоро ќе го направат истото – велат нашите извори од ЈСП.

Дека состојбата не е сјајна во ЈСП говорат и другите информации кои ги имаме, а тоа е дека откази ќе фрчат и од другите струки во претпријатието: паркирачи, механичари.

Оттаму додаваат дека годинава, за жал, нема да бидат во можност да вработат возачи на неопределено време, со оглед на тоа дека Советот на Град Скопје без објаснување не го усвоил Годишниот план за вработување на ЈСП Скопје, кој предвидувал во текот на 2023 година на неопределено време да бидат вработени 90 возачи.

– Тоа значи дека дел од ангажираните возачи и натаму ќе бидат вработени преку агенција за привремени вработувања, а и доколку се јави потреба од нови возачи, на истите ќе можеме да им понудиме единствено ангажман преку АПВ – нѐ информираат од јавното претпријатие.