Демократскиот сојуз се согласува со Извештајот на Стејт департментот според кој во Македонија и натаму се зголемува корупцијата, но предупредува дека отсуствува ефикасна и неселективна борба против организираниот криминал, пред се поради високата партизација и политизација на државните институции задолжени за откривање, гонење и пресудување.



Партијата на лидерот Павле Трајанов до Собранието достави Предлог-закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, со кој се предвидува формирање независна Агенција за борба против корупцијата.

„Меѓутоа, според информациите, пратеничката група на СДСМ добила насоки од раководството на партијата прво да се развлекува ставањето на овој закон на дневен ред, а доколку се стави, да го отстранат од дневен ред со што ќе спречат во парламентот да се отвори расправа“, се вели во партиското соопштение.

Демократскиот сојуз ги повикува сите пратеници да го поддржат овој законски проект со што ќе се отвори „војна против криминалот“ и ќе започне искоренување на високата корупција која ги кочи евроинтеграцииите и ги разорува државните институции, се вели во соопштението.