Митева: Груби да си работи во неговата втора партија СДС и да каже дали 9 пратеници не сакаат да гласаат за уставни измени

Дали еден пратеник од ДУИ побарал пари за да гласа? Груби не треба да работи на ВМРО-ДПМНЕ, Груби треба да си поработи во својот двор

Артан Груби не треба да работи на ВМРО-ДПМНЕ, туку да поработи на тоа дали сите пратеници од неговата втора партија СДС се спремни да гласаат за уставни измени – реплицираше денеска Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, на изјавата на Груби дека имаат план како да ја придобијат опозицијата да гласа за уставните измени, без притоа да се користат уцени, дадена во гостување на Телма.



– Груби рече дека работел на тоа цело време да се гласало за уставните измени. Порачуваме да не се мачи со ВМРО-ДПМНЕ. Груби да поработи на тоа дали сите пратеници од неговата втора партија СДС се спремни да гласаат за уставни измени. И еве поставуваме отворени прашања, дали тројца пратеници од првата и втората изборна единица кажале дека, ако е на маса ова, тие нема да гласаат? Дали пак шестмина пратеници од внатрешноста, на СДС им рекле дека уставните измени, цитирам: се најлошото нешто што може оваа влада да го направи? Дали еден пратеник од ДУИ побарал пари за да гласа? Груби не треба да работи на ВМРО-ДПМНЕ, Груби треба да си поработи во својот двор – рече Митева.

– Работиме не само да се обезбедат 8 пратеници, туку ние работиме цело ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени – рече Груби синоќа во емисијата „Топ-тема“ на телевизија Телма.