Македонските фудбалери со нови дресови против Малта на стартот од квалификациите за ЕП

Фудбалската репрезентација на Македонија ќе настапи со нов дизајн на дресовите во натпреварот со Малта на стартот од квалификациите за Европското првенство 2024 во Германија, кој ќе се одигра в четврток од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.



„Препознатливото сонце истакнато на градите на фудбалерите на модерен начин ја отсликува енергијата и гордоста на Македонија. Дизајнот на новиот дрес останува верен на македонското фудбалско наследство, додека резервниот дрес во бело-жолта боја е уште една интерпретација на македонскиот дизајн за фудбалерите и навивачите.

Нашата репрезентација добива уште една, трета варијанта на дресови и шорцеви во темна боја која дополнително го нагласува сонцето и националната гордост.

Стилските букви на презимињата и броевите на дресовите се во духот на нашата историја и традиција, со оглед на тоа што се инспирирани од кирилицата“, велат од Фудбалската федерација на Македонија.

„Исклучително сум горд што имам привилегија да го носам прекрасниот македонски дрес. Со нетрпение очекувам да го облечеме новиот дрес кој ја следи препознатливата традиција. Нашиот дрес со сонце е еден од најпрепознатливите и сигурен сум дека ќе биде многу популарен меѓу нашите навивачи“, изјави капитенот македонската репрезентација, Стефан Ристовски.