„Продолжува хаосот на улицата 9 Мај каде инвеститор си гради како сака и покрај забраните. Повлекол дел од улицата, а штета веќе има и на околните објекти според фотографии кои ни ги доставија граѓани од соседните подрумски простории, велат од Шанса за Центар.
„Отиде дел од улицата. Од самиот старт на градежните работи се работи без заштита односно не се изведени шипови, постојано се вади води и се свлекува земјата. Стравуваме дека е нарушена стабилноста на околните згради и куќи“, велат жителите на улицата, пренесува СДК.
На местото гради зграда градителот „Бинјапи инжинериг“. Градителот веќе еднаш доби забрана за вршење градежни работи од Општина Центар, токму поради тоа што копа дупка без да направи заштитна јама за обезбедување на соседните парцели. Но, и покрај забраната, градителот ја искина жолтата лента и продолжи да гради. Потоа, инспектори заедно со градоначалникот Горан Герасимовски, повторно излегоа на терен и му наложија на да го обезбеди потребните услови, па дури потоа да продолжи да гради.
Но, градителот повторно гради без да ги почитува условите за градба.
Шанса за Центар побара од Министерство за внатрешни работи итно да реагира и да го запре градењето пред да настане поголема штета или несреќа.
„Овој инвеститор и градежната компанија не треба да имаат право за било какви зафати на територија на Општина Центар. Класично дивеење на поединци кога институциите се толку ослабени, порачаа од Шанса за Центар.






