Димитриевски го подготвува Граѓанското здружение за следните парламентарни избори

Граѓанското здружение кое го формираше во Куманово, а го промовираше и во Прилеп, Максим Димитриевски ќе го прошири и во Скопје, а промоцијата ќе се случи наесен. На следните парламентарни избори, тој очекува здружението да добие поддршка од голем број гласачи.



Во моментов, тој го извршува својот втор мандат како градоначалник на Куманово.

„Во тек е формирањето на граѓанското движење, очекуваме во септември, октомври тоа да се случи во Скопје и ќе ги повикаме сите граѓани. Тоа ќе биде граѓанска иницијатива/движење коешто досега не било вообичаено, ќе биде од граѓаните за граѓаните и верувам дека на следните избори ќе ја добиеме поддршката од граѓаните бидејќи ќе излеземе со реално остварливи политики и ќе ставиме крај на корупцијата и рашомонијата во државата“, рече Димитриевски во гостувањето во емисијата „10 минути“ на ТВ 21.

Тој очекува, во граѓанското движење ќе има многу поддржувачи и од СДСМ, и од ВМРО-ДПМНЕ, но најголем дел ќе бидат неопределени граѓани што не се занимавале со политика и имале резултат во своето работење.