Пишува: Свето Тоевски
Најмалку три македонски агенции се во преговори за увоз на работна сила од странство. Најавено е дека ќе се „увезуваат“ 10-20.000 плочкари, столари, електричари од Бангладеш, Непал, Пакистан, Индонезија… Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи изјави дека е тоа веќе востановена пракса во Хрватска и Бугарија, кадешто компаниите градат и интернати за претстој на работниците, кои главно доаѓаат од земјите на средниот и далечниот Исток. „Има земји со 114-115 евра минимална плата, а нашата плата е три пати поголема. Имаат исто така и многу полоши услови за живеење и работење.“ – рече Ангел Димитров.
Тој добил понуда за работници од Непал, но се преговара и со Бангладеш, Пакистан и Индонезија. „Ако тоа не го направиме, со селењето на младите надвор ќе останеме без работници. Економијата полека ќе пропаѓа, а буџетот ќе остане без пари. Државата уште сега треба да се подготви.“ – додаде Димитров.
Според него, потребна е либерализација на пазарот на труд, а правата од Законот за работни односи да важат подеднакво и за домашните и за работниците од странство. „Македонија не е држава, како некои арапски држави, каде што странците ќе работат по 20 часа, ќе немаат никакви права и ќе се третираат како граѓани од втор ред.“ – нагласи Димитров.
„Пакистанска дијаспора“ во Македонија?!
Пред оваа изјава на Ангел Димитров на 16 март годинава амбасадата на Пакистан во Софија соопшти дека во Македонија веќе живее и работи „пакистанска дијаспора“! „Сите членови на пакистанската заедница, кои имаат какви било поплаки, или сугестии во врска со работата на амбасадата, или воопшто за благосостојбата на пакистанската дијаспора во Бугарија и Македонија, се добредојдени да ја посетат амбасадата и да се сретнат со амбасадорот во оваа насока.“ – објави пакистанската амбасада во Софија, без да се наведе колкав број на Пакистанци живеат во Македонија.
Медиумите ја проследија оваа вест, објавувајќи и некаков плакат од Софија, на кој пишува: „Да живее бугарско-пакистанското пријателство!“
Иако се уште не е познато колкав е точно бројот на Пакистанци, кои живеат во Македонија, многу укажува изјавата на Абдулменаф Беџети, ректорот на Штуловиот универзитет во Тетово. За време на одржувањето на Економскиот форум во Скопје во изјава за медиумите тој информира дека на тој универзитет има 100 студенти од Таџикистан и Пакистан, од кои половина веќе изразиле желба да останат да живеат во Македонија!
„Стипендии од САД“…
„На Штуловиот универзитет во Тетово веќе има 100 студенти од Таџикистан и Пакистан, кои се на втора година на студии и имаат законски регулиран престој. Тие имаат американски стипендии. Повеќе од 50 отсто од нив веќе работат и не само што работат, туку сакаат и да останат овде! Но, се уште не се добро примени од средината. Општеството не е подготвено да го прифати ова. Албанија малку порано се соочи со оваа тема.“ – изнесе професорот и академик Беџети.
Во своја анализа со наслов „Неверојатно: Пакистанци доаѓаат во Албанија да работат за плата од 160 долари!“, објавена на 23 декември 2019 година, информативниот портал „Фокуси“ од Албанија имаше напишано дека група од 20 Пакистанци ќе работат во модната индустрија на Албанија за плата од 160 долари месечно, неколку пати поголема од тамошната месечна плата во Пакистан. „Парламентот на Албанија на 19 декември 2019 година усвои закон за ‘Државјанство’ и ‘За странци’, со кои се забрзува доделувањето државјанства на странци и се скратува времето за доделување работни дозволи на странски државјани, заради олеснето регрутирање работна сила од земјите од Третиот свет.“ – имаше објавено овој медиум од Албанија.
Се отвораат серија прашања. Што стои зад намерата да се увезат дури 10.000-20.000 плочкари, столари, електричари главно од муслиманските земји Бангладеш, Пакистан, Индонезија, а можеби и некои други такви држави, и тоа баш во малата Македонија, чиј мнозински народ се Македонците, народ со христијанска вероисповед? Дали е ова само „економски проект“ да се надомести потребата за работна сила, или во заднината се наоѓаат и скриени политички мотиви? Што значи фактот што стотината студенти од Пакистан и Таџикистан, кои студираат во Штуловиот универзитет, имаат американски стипендии, зошто немаат стипендии од која било друга држава, туку токму од САД?
Зошто баш од Софија се промовираат „пакистанската заедница“ во Македонија и „бугарско-пакистанското пријателство“?!
За каква „пакистанска дијаспора“, за каква „пакистанска заедница“ во Македонија сега станува збор и зошто за вакво нешто е споменато токму од амбасадата на Пакистан во Софија, со упатена порака „Да живее бугарско-пакистанското пријателство!“?! Дали оваа амбасада мисли токму на Пакистанците, кои се наоѓаат во Тетово, но и на оние други илјадници, што ќе доаѓаат во наредните месеци и години?! Дали можеби во некој натамошен поскорешен период ќе се побара и таа „пакистанска заедница“ да добие во Уставот на Македонија статус на „пакистански државотворен народ“, со „политичко спонзорство“ на Бугарија, која веќе запнала по секоја цена, со поддршка од САД и Европската Унија да си добие свој „бугарски државотворен народ“ во Македонија?!
Некои работи стануваат веќе сега појасни. Сакам да го вклучам алармот македонското општество да се покрене и да го запре процесот за натамошна демакедонизација на Македонија и за промената на етничката и верска структура на населението, за промената на „етничката карта“ и „верската карта“на Македонија!
Младите од Македонија, не само Македонци, туку и граѓани од друга етничка припадност одат во странските држави, ја празнат Македонија и на нивно место се планира да се внесе првиот огромен контингент на 10-20 илјади работници главно од муслиманска вероисповед, за кои ќе треба да се менуваат законите, да им се даваат државјанства по скратена постапка како во Албанија! Ќе треба да им да се наоѓаат станови, или да им се обезбедуваат пари преку кредити, за да градат куќи! А кој ќе се грижи толку за потребите на домашното население, не мислам само на Македонците, туку и за сите други сиромашни и бездомни граѓани?! Или пари за тоа ќе има од фондови од одредени држави од муслиманскиот свет, или и од САД, кои веќе си стипендираат „членови на пакистанската заедница“ во Македонија!
Целава ситуација станува уште појасна кога од Софија се промовира „бугарско-пакистанското пријателство! Дури, пакистанската амбасада веќе повикува да се пријават „нарушувачите“ на „благосостојбата“ на „пакистанската дијаспора“ во Македонија и тоа баш кај пакистанскиот амбасадор во Софија! Пазете, во амбасадата во Софија, а не во некоја друга држава! Но, ме интересира зошто не се „инсталира“ ваква „дијаспора“, ваква „заедница“ и во Чешка, во Словачка, во Унгарија, во Полска, туку баш во Македонија и Албанија?!
Отфрлам однапред какви било и чии било напади дека ширам ксенофобија, нетрпеливост кон странци, или дека ширам и негативни ставови кон муслиманската вероисповед. Немам ништо против Пакистанците, или кој било друг граѓанин од која било друга држава. Секој што ќе ја почитува Македонија, ќе ја има и мојата почит. Мојата единствена намера е да ја алармирам јавноста и општеството во Македонија да им се спротивстават најенергично на овие процеси, кои имаат поврзаност не само со решавањето на економските потреби, туку и со започнатите процеси за разнебитување на македонската држава и на македонскиот народ.
И една Малта, островска држава од само половина милион жители, секоја година прима десеттици илјадници работници и тоа баш од муслимански и други држави. Но, Владата на Малта има воведено строги политики со одредени квоти за доаѓања во таа држава-членка на ЕУ, со строги временски ограничувања на престојот, со протерувања на секој, што ќе се огреши од таквите нивни закони, со приоритет во вработувањата за домашните Малтежани…





