ВМРО-ДПМНЕ до Џафери: За името на референдум, не во Собрание

ВМРО-ДПМНЕ реагира на изјавата на претседателот на Собрание, Талат Џафери, на телевизијата Алсат-М дека, поради континуираната висока поддршка за евроинтегративните процеси од граѓаните, Собранието имало целосен легитимитет во нивно име да одлучува и за прашањето за новото име.



„Одлуката околу решението на проблемот кој што Република Грција го има со нашето име не е и не може да биде ексклузивна сопственост само на одредени политичари, па ниту на владејачкото мнозинство во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ ги осудува изјавите на господинот Талат Џафери и ќе се спротивстави на намерите мнозинството пратеници сами да изгласаат каква било промена на името без претходно за тоа да се изјаснат граѓаните на референдум и притоа мнозинството од нив да бидат согласни за понуденото решение“, соопшти партијата.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот народ и македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и на македонскиот јазик и култура“, се додава во соопштението.

Џафери во емисијата „Патот кон…“ на Алсат-М не сакаше да го коментира името „Нова Македонија“, кое, според грчката телевизија Стар, Македонија сама го предложила, а Грција прифатила, но смета дека таквото име, како варијанта, не би било неприфатливо за Албанците во земјава.