Јанев: Преспанскиот договор е неважечки според меѓународното право – треба да се раскине и во ООН да се бара враќање на името Македонија!

„Воден од своето долгогодишно искуство, експертиза и познавања на меѓународното право, професорот Јанев веќе неколку години заговара раскинување на Бугарскиот, а посебно на Преспанската спогодба како создавач на сите проблеми, кои на крајот можат да бидат погубни за македонскиот идентитет и наметнување туѓ идентитет. Тој изнесува свое видување и анализа кои се можните сценарија, ако Македонија еднострано се повлече од Договорот од Нивици и кои треба да бидат чекорите потоа, односно како да се врати уставното име Република Македонија.“ – објави весникот „Нова Македонија“ во статијата со наслов „Професорот Игор Јанев: Како Македонија да си го врати вековното име“



„Нова Македонија“ ги објавува во интегрална верзија таа анализа со можните сценарија  и ставовите на прифесорот Јанев, а „Експрес“ ги пренесува во целост, поради исклучителната актуелност на таа проблематика во овој момент.

Раскинување на Преспанскиот договор и чекори потоа

„Основната претпоставка за запирање на процесот на бугаризацијата (поточно бугарската асимилација) и поврзано со ова воспоставувањето на името Република Македонија, (односно отстранување на сегашното, базирано врз Преспанскиот акт, ‘Република Северна Македонија’) е – раскинувањето на Преспанската спогодба! По раскинувањето на оваа спогодба неопходен чекор е да се извести генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации (ООН) и да се бара отстранување на овој акт од регистарот на ООН како раскинат договор. Потоа државата мора да поведе акција преку предлог-резолуција на Генералното собрание на ООН за продолжување на членството на државата ‘Република Северна Македонија’ под името Република Македонија во ОН.“

„Грција нема да седи со скрстени раце и ќе ги повика САД, Франција и Велика Британија да свикаат седница на Советот за безбедност на ООН бидејќи ‘Република Северна Македонија’ еднострано го раскинала Преспанскиот договор, со што ќе се обиде да го наметне ставот дека со тој чин ‘се загрозуваат регионалниот мир и безбедноста’. Грција ќе бара од СБ да донесе препорака и одлука со која ќе ѝ наложи на Македонија да мора повторно да се обврзе со истиот акт (Преспанската спогодба) или да седне на маса и да започне со нови преговори за идентитетот базирани врз (претходно раскинатиот) Преспански договор.“

„Ако Македонија цврсто застане на позицијата дека нема намера повторно да го склучи раскинатиот акт, што е суверена одлука на секоја држава или да преговара за новото име, тогаш маневарскиот простор на Советот за безбедност на ООН е многу мал и објективно крајно ограничен!“

„Во споредба со 1993 година, Советот за безбедност на ООН нема да може да донесе Резолуција, со која ќе наметне (повторно) привремена референца од каков било вид или да ја врати претходната референца БЈРМ, односно нема да може да ја воспостави ‘претходната состојба’ со наметната референца, бидејќи сега ги немаме истите околности – проблемот со референцата БЈРМ не заврши во СБ на ОН, туку во регистарот на ОН како спогодба од небезбедносен, поточно административен / несуштински карактер), а и нема да има консензус меѓу големите сили со различни доктрини околу суверенитетот на државите, посебно Русија и Кина нема да бидат индиферентни и да допуштат ‘вмешување во внатрешните работи’, водени од своите интереси.“

„Во споредба со 1993 година, Советот за безбедност на ООН нема да може да донесе Резолуција, со која ќе се бара ‘оваа држава’ (‘РСМ’) повторно да ја склучи истата спогодба, бидејќи СБ нема надлежност за овие суверени домашни (уставни) прашања и нема да има минимум консензус меѓу големите сили, од кои двете (Русија и Кина) ја базираат својата надворешна доктрина врз основа на апсолутен суверенитет за секоја држава-членка на ООН. Суверено право на секоја држава е да склучува и да раскинува договори и суверено да го определува или менува своето државно име, а органите на ООН немаат надлежност да се мешаат во овие одлуки, кои се во строга внатрешна надлежност на секоја држава (посебно одлуката за уставното име).“

„Во споредба со 1993 година, Советот за безбедност на ООН нема да може да донесе Резолуција, со која ќе наметне нови преговори околу државното име (ова е практично невозможно), освен ако самата држава имплицитно или експлицитно не даде некаков вид согласност за преговори или (ре)преговарање околу истата (апсолвирана) материја, за што и самата Грција нема да се согласи, како што и Македонија не смее да даде никаква согласност, од каков било вид (ниту ‘премолчено’) дека ќе репреговара за новото име на државата. Македонија мора да инсистира на име, со кое аплицираше во ООН во 1993 година, како единствено легитимно име на нацијата и државата, за кое народот дал согласност и кое не беше резултат на надворешното вмешување, или на надворешен акт/договор!“

Заклучок

„Тргнувајќи од фактот дека ‘РСМ’ денес нема веќе привремена референца, а нова не може да се наметне (ниту од македонската страна ќе се прифати), а истовремено државата не се согласува со постојното државно име ‘РСМ’ (како нелегитимно), ниту со Преспанската спогодба, а земајќи го предвид и фактот дека СБ на ООН е поделен по прашањето за толкување на концептот за суверенитет, можеме да заклучиме дека СБ на ООН нема да може да донесе каква било обврзувачка одлука, со која повторно би можела да се инсталира привремена, или трајна референца (обезименување), или да натера една суверена држава на преговори околу името (т.е. идентитетот. Не е ниту легално да се бара повторно склучување на истиот, или сличен договор за дефинирање на државното име, односно на државниот идентитет.

Македонската дипломатија мора да го истакне фактот дека секој ‘идентитетски договор’ секогаш е нелегален акт, бидејќи претставува несуверено определување на материјата, што е во строга внатрешна надлежност! Наводните ‘безбедносни причини’ (во споредба со 1993 г.) нема да влијаат врз донесување каков било вид обврзувачка резолуција. Без ваков акт Македонија може да оди напред и да го постави прашањето во Генералното собрание на ООН, водена од фактот, што проблемот не е ‘заклучен’ во СБ, а спогодбата од Преспа немаше порано ‘завршна резолуција’ во Советот за безбедност, туку како несуштинска ‘пријателска спогодба’ само беше регистрирана во регистарот на ООН).

Ако нема обврзувачка резолуција на СБ на ООН, тогаш последниот збор околу името на оваа држава го има Генералното собрание на ООН, во кое државите немаат право на вето. За продолжување на членството на оваа држава во ООН под Република Македонија, како несуштествено прашање, се гласа со просто мнозинство од присутните што гласаат. Со просто мнозинство од присутните во салата на Генералното собрание, во кое членуваат 193 држави-членки на ООН.

„ко, на пример, во салата на Генералното собрание на ООН се присутни и гласаат 120 држави, за позитивен исход ќе ни требаат 61 глас. Ова е многу лесно да се постигне со стручни луѓе. Во случај да не успее ваквата акција оваа година, на ова Генерално собрание на ООН, може повторно да се поведе акција следната, а потоа и ако треба и следната, сè додека не се изгласа одлуката оваа држава да членува во ОН како Република Македонија.“

Потребен е стручен и искусен тим за справување со предизвикот „враќање на името“

Професорот Игор Јанев нагласува дека е исклучително важно во целата операција за враќање на уставното име Македонија да ангажира силен експертски тим, притоа несебично нудејќи да го сподели и сопственото стручно искуство и директно да учествува во тимот што ќе работи на враќање на уставното име на државата во ООН. Тој е сомничав дека со актуелниот човечки кадар во македонското МНР може да се издејствува ваква победа во ОН. Причините за тоа ги гледа во високата нестручност на луѓето во дипломатијата. Според него, со враќањето на името Република Македонија во ООН ќе им се стави крај на грчката и на бугарската асимилација врз македонскиот народ.

Во последно време многу меѓународни договори се предмет на раскинување или на повлекување на едната договорна страна. Тоа, всушност, претставува аргумент плус дека она што во одреден момент било договорено во поинакви околности, услови и контекст, некогаш и под притисок, принуда или ултиматум кон една или друга договорна страна, повеќе не обврзува никого во иднина да се придржува до тој документ, бидејќи нанесува штета за државата, односно за граѓаните на некоја од договорните страни. Второ, и ако за одредени клаузули од склучениот меѓународен договор се утврди дека се во спротивност со меѓународното јавно право, а посебно со т.н. перемпторно право, обврзувачко (јус когенс), таквите договори апсолутно се неважечки, односно ништовни.