„Притаен неофашизам“: Бугарска новинарка за оградувањето на Бугарија од депортацијата на македонските Евреи

Новинарката Велиана Христова од Бугарија за тамошниот портал „Поглед.инфо“ се осврнува на двојниот аршин на официјална Софија околу судбината на Евреите во Втората светска војна – величање на спасувањето на тие во Бугарија наспроти оградувањето од депортацијата на тие во „новите“ земји, меѓу кои и Македонија.



„Десетина глупости секојдневно се објавуваа во медиумите околу 80-годишнината од спасувањето од депортација на бугарските Евреи од т.н. стари земји на Бугарија. Речиси никој не гукна за испраќањето во Треблинка на 11.343 бугарски Евреи од Македонија, Пиротско и Егејска Тракија, што се случи во исто време, пред 80 години.

Целта на сите говорници, на кои радијата и телевизиите изобилно им даваа збор, беше една – да ја ослободат од вина, па дури и да ја глорифицираат фашистичката власт во Бугарија во тоа време. Дитирамби за ‘уникатното’ спасување, Бугарија единствена… итн. Владата и царот, гледате, ги спасиле Евреите. Ако за лавирањето на Борис III меѓу Хитлер и СССР може да се расудува, тогаш за владата на Богдан Филов работите се јасни – отворен фашизам. И точка! И доста со таа уникатност и посебност – и Данска ги спасува своите Евреи, дури ни Италија не ги депортира Евреите! А некој да спомне дека и сестрата на царицата Јоана – Мафалда, тетка на Симеон Сакскобурготски (!), помага за спасувањето на Евреите од депортација до смрт, била заробена од нацистите и загинува во Бухенвалд!

Ова што во моментов се случува кај нас се нарекува притаен неофашизам. Некои пишман евроатлантисти, од кумски срам, сепак, процедија низ заби дека многу им е жал за загинатите Евреи од новите бугарски земји, испратени во сигурна смрт, што го кријат споменот на овие жртви. Толку го кријат тоа што веќе шеста година во главниот град одбиваат да одобрат подигање споменик во спомен на децата убиени од 1923 до 1944 година, меѓу кои 3.000 загинати малолетни Еврејчиња од новите земји – двајца наши историчари ги бараа имињата на сите нив. Е, убијците може да се величаат, но жртвите не.

Меѓутоа, сега зборот ми е за нешто друго, бидејќи многу нешта се веќе напишани, но не се паметат. Никој – дури ни оние што се сетија за 11.343-те мажи, жени, деца депортирани во Треблинка; дури ни познатите историчари не спомнаа кој и зошто ги депортира од Македонија и од Егејска Тракија. Кога во денешна Северна Македонија водечките политичари беснеат против нас и го нарекуваат бугарскиот народ фашистички, треба да им се даде недвосмислен отпор – бугарскиот народ не е виновен, тој ги спаси оние Евреи што можеше да ги спаси. Но, убијците се јасни и најмногу Бугарите треба да ги помнат, а не да се оставаат телевизии и радија да им го мијат мозокот. Господа историчари, ваша должност е да го освежувате сеќавањето на нашиот народ, но вие молчите. Зарем не знаете дека откако бугарскиот парламент донесе неколку антиеврејски нацистички закони во 1940-тите, на 5 јуни 1942 година, Советот на министри на Бугарија со декрет ја одобри ‘НАРЕДБАТА ЗА ПОДАНИЦИТЕ ВО ОСЛОБОДЕНИТЕ ЗЕМЈИ ВО 1941 ГОДИНА’. Оваа уредба остана на сила до 13 февруари 1945 година, кога беше укината. Буквално одредува дека сите југословенски и грчки поданици со бугарско, па дури и со небугарско потекло, кои живеат на териториите ослободени по 1941 година, стекнуваат право на бугарско државјанство, кое не се однесува на… лицата со еврејско потекло.

Така, Евреите од Македонија и од Егејска Тракија не добиваат бугарско државјанство, што им оневозможува на пратениците, на гранковите организации, на Светиот синод и на БКП да се борат за нивниот опстанок, како што тоа го прават за Евреите од старите територии. На 12 февруари 1943 година Министерскиот совет повторно го одобри договор со Рајхот за емиграција и депортација на сите Евреи од ‘новите’ земји, мотивирајќи се со тоа што, замислете, тие не се бугарски државјани! А несреќниците беа депортирани во Треблинка – по наредба на Хајнрих Химлер. Ова е вистинската причина, а не привремениот бугарски статус на новите земји, како што тврдат некои истражувачи. За сето ова виновникот е само еден – фашистичката влада на Царството Бугарија. Истата таа што ги испраќа главосечачот и комесар за еврејски прашања Александар Белев и бугарската полиција да ја извршат депортацијата, дело на бугарската власт и на бугарска сметка!

Впрочем, сè што се случува сега повторно е и ќе биде на сметка на бугарскиот народ“, коментира Христова.