Македонија со најмногу противници на членството во ЕУ во Западен Балкан!

Телевизијата ТРТ Балкан направи споредба на поддршката за членство во Европската унија меѓу шесте земји од Западен Балкан, од која заклучокот е дека најмногу противници има во Македонија!



Балканската редакција на турската државна телевизија за евроскептицизмот во Македонија се повика на неодамнешното истражување на јавното мислење „Еврометар“ на Евротинк, според кое околу 49 отсто од испитаниците сметаат дека генерално членството во ЕУ би било добра работа, а 34 отсто не сметаат така.

Според истражувањето на српското Министерство за европски интеграции, за членство на Србија во ЕУ би гласале 43 проценти од анкетираните, против би гласале 32 отсто, 13 отсто воопшто не би гласале, а 12 отсто не знаат како би гласале.

Поддршката за ЕУ опаѓа и во Босна и Херцеговина, иако таму 77,4 проценти на референдум би гласале за влез во Унијата, а против би биле 16 отсто, но тоа е за 4 отсто повеќе во однос на 2021 година. Поддршката во Федерацијата БиХ е 90 отсто, но во Република Српска 54,5 отсто.

Во последното истражување на ЦЕДЕМ од 21 декември 2022 година во Црна Гора, 75 проценти од испитаниците го поддржуваат членството во ЕУ, а 13 отсто не.

Членство на Косово во ЕУ поддржуваат 92 проценти од испитаниците, 4 отсто не ја поддржуваат евроинтеграцијата и 4 отсто немаат став.

Лидер по поддршката на ЕУ во Западен Балкан е Албанија, каде што на последните истражувања на Евробарометар објавени на крајот на минатата година 95,9 отсто од испитаниците го поддржуваат членството во ЕУ, а само 0,5 се против.