Актерката Стојановска правосилно ослободена од вина за шверц на дрога

Апелација ја потврди пресудата на Кривичниот суд, со која актерката Силвија Стојановска беше ослободена од вина за обвинението во кое се товареше за помагање при транспорт со дрога. Одлуката е јавно објавена, а актерката за „Макфакс“ посочува дека верувала оти случајот вака ќе заврши уште од првиот момент кога била обвинета.



„Задоволна сум од пресудата. Ја знаев од самиот почеток. Знаев дека немам ништо со организиран криминал и со кокаин затоа што никогаш во животот не сум имала допир со криминал. И ова е, фала богу, правичен заклучок“, вели Стојановска.

Ослободителната пресуда актерката Стојановска ја доби на повторено судење. Апелација претходно донесе одлука со која ја укина првостепената пресуда, каде што актерката беше осудена на 3,6 години затвор.