
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во вчерашното гостување во емисијата Клик Плус на ТВ 21, информираше дека е исполнето ветувањето дадено пред јавноста и денеска е извршена делумна декласификација на одлуките за донација на воена помош и опрема на Украина.
Министерката информираше дека декласификацијата се однесува на видот на опрема која е донирана со шест одлуки за донација на воена помош за Украина.
„Донациите се состојат во пешадиско вооружување и муниција, артилерска опрема, тенкови, коишто веќе еднаш ги потврдивме, воздухоплови или познатите авиони Сухои, средства и опрема за водење на противоклопна борба, опрема за противвоздушна одбрана, опрема и муниција на военото воздухопловство, како и интендантски материјални средства“, подвлече министерката за одбрана Петровска.
На прашањето дали станува збор за нова опрема, министерката за одбрана Славјанка Петровска истакна дека станува збор за опрема од источно производство и дека истата не била дел од формацијата на Армијата.
„Она што е особено важно е дека таа не претставува дел од формацијата на Армијата, односно не допринесува за гарантирање за борбената готовност на нашата Армија. Односно со донирањето на сета претходно донирана опрема, вклучително и она што денеска го дониравме, не се нарушува борбената готовност на нашата Армија. Тоа е она што на пример, на почеток е важно при носењето на секоја таква одлука и се разбира дека и во иднина доколку се појави потреба и доколку се побара од нас да донираме нешто кое го поседуваме, а не е дел од формацијата, односно борбената готовност на Армијата, и во иднина ќе донесеме таква одлука“ истакна Петровска.





