По Амбасада на САД, и Шилегов побара идеи за аерозагадувањето

Откако американската Амбасада синоќа преку својот профил на „Твитер“ побара идеи за надминување на проблемот со загадувањето на воздухот, денеска го стори тоа и скопскиот градоначалник Петре Шилегов.



Тој ги повика граѓаните што имаат идеи како да се реши енормното аерозагадување на главниот град да дојдат в понеделник од 12:30 до 14 часот и да ги претстават.

„Ги поканувам сите мои сограѓани кои имаат одржливи идеи за решавање на проблемот со аерозагадувањето да дојдат в понеделник и со мене и со моите соработници да ги разгледаме тие идеи и можностите тие да се спроведат во дело. Заедно со граѓаните, да се обидеме полесно и побрзо да дојдеме до посакуваното решение за овој долгогодишен проблем“, повика Шилегов.

Градоначалникот најави и дека Совет на Град Скопје следната недела ќе донесе одлука за поевтинување на јавниот превоз во градот, што заедно со поскпувањето на паркингот во централното градско подрачје смета дека ќе го намали користењето автомобили како еден од најголемите фактор за загадувањето.

Од Владата, пак, најавија мерки ако во следните два дена нивото на ПМ10-честичките во воздухот ја надминат дозволената граница најмалку на две мерни места во Скопје. Дел од тие мерки се ослободување од работните обврски на бремените жени, на болните со хронична астма и на луѓето со прележан мозочен или срцев удар.

Прв конкретен предлог за справување со големиот проблем на скопјани и на жителите на други загадени градови во државава понуди Амбасада на Русија во Македонија, која на твитот на колегите од американското дипломатско претставништво одговори со понудата за изградба на гасоводот „Јужен тек“.