Поради апсолутна застареност, Основниот кривичен суд Скопје ја укина пресудата изречена во 2008 година против „бегалецот“ и поранешен директор на Царинската управа, Драган Даравелски, и од денеска тој е „слободен човек.
Со решението на судот, се запира и постапката за кривично гонење против Даравелски, засекогаш.
На Даравелски му застареле делата, наскоро ќе шета како слободен човек
Даравелски беше осуден на седум години затвор во отсуство во 2007 година.
Tој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година, но тој сега не мора да ги врати ни парите, објави СакамДаКажам.
По 20 години поитерница по него и живот надвор од земјата, тој во обид да влезе во Македонија во јануари беше уапсен.
Но, веќе се знаеше дека кривичното дело му е застарено.
„Место да ја отслужува затворската казна веднаш, тој го искористи правото и на 10 јануари преку својот бранител, побара повторување на постапката. Судовите му поверуваа дека никогаш не ја примил пресудата од Македонија, додека се криел во Србија“, пишува СДК.
Постапувајќи според законските одредби за застарување на кривичните дела, судот утврдил дека во случајот на Даравелски апсолутната застареност настапила уште на 01.12.2022 година.







