На четирите делници од автопатите што ќе ги гради „Бехтел и Енка“ повеќе од половина или 55 отсто од земјиштето е во приватна сопственост. Останатите 45 отсто се на државата.
Експропријацијата на приватното земјиште со тоа ќе ја згиолеми цента на изградбата на 110 километри автопати за уште 300 милиони над договорените 1,3 милијарди евра.
Тоа што досега не е направена експропријација, според Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми, Рустеми, нема да ја кочи работата на изградбата на автопатиштата.
„Државата може да располага со земјиштето од моментот кога ќе го извести сопственикот, кој потоа доколку не е задоволен од сумата што ќе му се понуди може да оди на суд и да бара повисока цена.
Според законот не може сѐ одеднаш да се направи. Постапката оди преку Бирото за вештачења, па преку Државниот правобранител. Тука се и судските процеси затоа што 60 до 70 отсто од парцелите завршуваат на суд“, вели Рустеми.
Според првичните проценки изградбата на четирите делници од автопатиштата на коридорите 8 и 10 ќе чинат 1,3 милијарди евра, но сѐ уште не се знае колку точно ќе чини одделно секоја од четирите делници. Засега има само иницијален проект, по што ќе следи основен проект, па дури потоа ќе прави и проект на изведба со што ќе се знае колку точно пари ќе бидат потрошени.
Сепак јасно е дека најскапа ќе биде делницата Гостивар – Букојчани долга 30,3 километри. Планирано е за неа да се потрошат повеќе од пола милијарда евра или 560 милиони евра. По неа следува делницата Требеништа – Струга – Ќафасан долга 21,7 километри која ќе чини 360 милиони евра, па Прилеп – Битола во должина од 39,4 километри и цена од 260 милиони евра. Најевтина ќе биде делницата Тетово – Гостивар во должина од 17,5 километри што ќе ја чини државата 125 милиони евра. Ова значи дека еден километар пат во просек би чинел по безмалку 12 милиони евра не земјаќи ја тука предвид експропријацијата за која дополнително ќе се исплатат околу 300 милиони евра.
Директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми вели дека годишно во просек ќе се градат по 23 километри автопат.
(…)
Според планираното изградбата на четирите делници треба да заврши до 2027 година. Финансирањето на проектот е од Буџетот на државата. За проектот, „Бехтел и Енка“ се номинирани за стратешки партнер од државата. Надзорот ќе го врши козорциум од четири фирми под водство на „ИРД инженеринг“.







