Минималната плата од 18.000, порасна на 20.175 денари

Почнувајќи од април минималната плата во Македонија ќе биде повисока за 2.175 денари и од 18.000 ќе порасне на 20.175 денари. Секој работник, веќе од следниот месец ќе ја зема оваа плата како минимална, велат од Владата.



Работниците кои до сега земаа минималец од 18.000, од сега ќе добиваат 2.175 денари повеќе, односно платата им се зголемува на 20.175 денари, што е раст од 12,55%. Колку за потсетување, инфлацијата во февруари беше 16,7%, што значи дека и поркај ова зголемување – минималната плата ќе вреди помалку од лани.

Бизнис-заедницата вети дека ќе ги почитува законските одредби кои кои произлегуваат од социјалниот дијалог со Владата и работниците, но потенцира дека работниците мора да си ја заработат платата.

Од Сојузот на синдикати ги повикаа работодавачите да ги усогласат останатите плати со висината на минималната плата за да не дојде до урамниловка.

Инаку, со измените на законот за минимална плата, донесени во март лани, се воспостави нова методологија, што ќе значи постојан раст на минималната плата.

Колку за споредба, според последните податоци, најниска минимална плата од 309 евра земаат граѓаните во Бугарија и Албанија. Нешто повеќе од 1.500 евра се исплаќа минималец во Холандија, Британија, Германија и Ирска, додека највисока минимална плата земаат жителите на Луксембург, која надминува 2.000 евра.