
Група бугарски научници и интелектуалци повикаа „бугарската држава јавно, искрено и безусловно да ја признае својата одговорност и да се извини за прогонот и депортацијата на Евреите во текот на Втората светска војна“. По повод 80-годишнината од настаните наречени „Спас на бугарските Евреи“, тие побараа многу поодговорен и што помалку стереотипен однос кон овие драматични случувања – пренесе Слободен печат.
Автори на „Повикот“ се историчарите Румен Аврамов (тој е и економист), Александар Везенков и Стефан Дечев, социологот Лилијана Дејанова и филозофот Стилијан Јотов. Тие добија поддршка од десетици други интелектуалци, новинари, активисти за човекови права, јавни личности. Сите тие се убедени дека бугарското општество денеска има пристап до доволно информации за судбината на Евреите под бугарска власт за време на Втората светска војна и дека е време да се фрли нов поглед на овој важен момент од нивната историја.
„Бугарија никогаш не сакаше да најде јазик со кој ќе означи два неразделни и во исто време целосно спротивни историски факти: спасените животи на Евреите од предвоените територии на Бугарија и депортацијата во логорот Треблинка (4–29 март 1943 г. ) на Евреите од земјите што беа окупирани во април 1941 година, вклучувајќи ја и Македонија“, сметаат тие. Интелектуалците повикуваат сеќавањето на овие настани „да излезе од митологизираните мотиви, од постојаното наддавање во припишувањето заслуги, од бегство од одговорноста, како и од темната страна на она што се случило. Со текот на времето, овој датум натежна со пораки и молк. Зборови за доблест, благородност и храброст надополнети со агресивно негирање на соучесништвото во едно мрачно дело“.
Овој морален гест – напомнуваат потписниците – во никој случај не би значел колективна вина на целата воена генерација, а уште помалку на следната. Напротив, тоа би бил знак на зрелост и цивилизираност, поклон за невините жртви и израз на почит кон оние што всушност придонеле за спасување на многу човечки животи. Тие се убедени дека бугарското општество денеска има пристап до доволно информации за судбината на Евреите под бугарска власт за време на Втората светска војна и дека е време да се фрли нов поглед на овој важен момент од нивната историја.
Спасувањето на Евреите во „стара“ Бугарија и депортациите од „новите земји“ секогаш се претставуваат како целосно независни настани водени од автономни сили. Но, според авторите на „Повикот“, тие се дел од еден трифазен план што бугарската држава го спровела доброволно и предвреме, а не под германски диктат. „Спротивно на сфаќањето што преовладува во Бугарија, спасувањето на поголемиот дел од Евреите под бугарска власт ниту го поништува, ниту го омаловажува фактот дека бугарската држава била соучесник во Холокаустот. Државниот антисемитизам во Бугарија за време на Втората светска војна ги осуди Евреите на граѓанска и на економска смрт. А 11.343 Евреи од Беломорието, Македонија и Пирот се испратени од бугарските власти на физичка ликвидација“, пишува во апелот.
Во него се оценува како лицемерно тврдењето дека Бугарија сакала, но „не била во можност“ да ги спаси Евреите во „новите земји“ зашто немале бугарско државјанство. Од една страна, велат авторите, државата не пројавила таква желба во ниту еден момент, а од друга страна оние со југословенско и грчко државјанство биле лишени од можноста да добијат бугарско државјанство по сила на антисемитскиот закон донесен уште во 1940 година, пред приклучувањето на Бугарија кон Оската. А кога еврејските заедници од Македонија молеле да добијат бугарско државјанство, барањата им останале неодговорени. Притоа се напоменува дека „Спасувањето на бугарските Евреи“ не е единствен случај во Европа. Италија, Унгарија и Финска како сојузници на Рајхот не ги депортирале своите Евреи, а Италија во логорите на смртта не ги испратила ниту Евреите од Албанија и од делови од Грција и од Југославија кои биле под нејзина контрола.
Целиот текст на следниот линк:





