По неколкудневните протести на жителите на општина Бутел, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска вели дека не се откажува од изградбата на булеварот „Боца Иванова“. Овој проект, вели таа, се најавува речиси 20 години и дека е во нејзината програма за работа. Дел од патот се гледа како минува низ дворовите на некои од куќите лоцирани во близина. Но, Арсовска вели дека станува збор за делови кои биле државна сопственост, кои граѓаните ги узурпирале пренесуваФактор.мк.
„Во дел од трасата каде што ќе се гради овој булевар има десетици семејства кои ги проширија дворовите на државното земјиште на кое е предвидено да се гради булеварот и на овој начин го узурпираа ова земјиште. Градот Скопје нема намера да ги гони граѓаните, но сакам да апелирам до жителите на општина Бутели, особено до оние кои излегоа да го изразат своето незадоволство, дека сакаме да градиме на државно земјиште. Не бидете жртва на политички игри“, изјави Данела Арсовска, градоначалник на општина Скопје.
Граѓаните велат дека нема да се откажат од дворовите бидејќи ги легализирале, а не ги узурпирале како што тврди Арсовска.
„Сите соседи ни се легализирани, имаме документи, наше е. Тогаш кога беше едно евро за квадрат, ние го купивме, го купија сите соседи“, рече жител на населбата Бутел 1.
Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, се закани дека в понеделник на прес-конференција ќе објави скандал на Арсовска.„Многу симтоматично зошто Арсовска инсистира да не ја промени трасата, а приватната фирма да ја изгради трасата која вети дека ќе ја ревидира пред изборите. Гледам и Арсовска се чуди како сум можел да бидам против нејзе, нека не се чуди воопшто, јас секогаш ќе бидам на страната на народот и моите сограѓани.
А за деталите, за политиканството на Арсовска и за тоа кој е со народот, а кој робува на приватните интереси, ќе соопштиме на прес конференција во понеделник, од местото и со луѓето на кои Арсовска им ветуваше се, а денес работи против“, најави Костовски.






