Граѓаните на социјалните мрежи и во огласниците продаваат речници, лектири, стручна литература, стрипови, историски книги. Ако најевтините чинат 50 денари, има и скапи со цени по неколку илјади денари.
Оние кои ги продаваат книгите велат дека главната цел им е да се ослободат од примероците кои не им се потребни и за кои немаат доволно простор, но додаваат дека купувачи многу ретко се јавуваат. Според нив, народот во Македонија нема некоја навика за читање на книги и затоа интересот е слаб.

„Кај мене мотивот да ги продавам книгите беше да го ослободам просторот, но бидејќи книгите се веќе прочитани, сакав да ги продадам и да добијам пари со кои би купила нови книги. За два месеци ми се јавија само двајца луѓе. Ми нудеа да ги купат за на тезга за некоја смешна цена, а потоа книгите ги продадов за 50 отсто поевтино од цената по која се купени. Имам околу 200 книги, повеќето се трилери од странски автори. Народот не чита книги и мислам дека затоа нема интерес“, вели Александра од Скопје.
Луѓето кои поседуваат стручна литература, сакаат таа да заврши во вистински раце, кај луѓето на кои им е потребна.
„Немам каде да ги чувам тие книги, затоа што се прилично обемни, а јас се насочив во друга област и не ми се потребни. Интересот е слаб и тешко е да се продадат“, објаснува скопјанец кој нуди литература од областа на медицината.
И за речници тешко се наоѓаат купувачи. Продавачите велат дека луѓето пред да се одлучат да ги купат, треба да ја знаат нивната вредност.
„Ние имавме поголем простор, но откако се преселивме во помал дом, немаме доволно место и продаваме речници. За 4-5 месеци не се јавил никој да ги купи. Речниците можеби им се чинат се скапи, но и новите се уште поскапи“, вели Нина од Скопје.
Но, и лошата економска состојба ги спречува граѓаните да купуваат книги и да си направат домашни библиотеки или доколку ги имаат да ги збогатат.
„Јас купив книги на англиски јазик кои порано сакав да ги имам, но сега не ми се потребни и ги продавам од септември лани. Не се јави никој за да ги купи. Мислам дека луѓето повеќе сакаат да читаат онлајн и не им се даваат пари за книги. Мене исто така ми е полесно да си симнам книга во телефонот и да ја читам онлајн“, вели средношколка.
Се продаваат и атласи, енциклопедии, учебници, книги од познати југословенски автори. Огласувачите навеле дека дел од книгите се нови, а дел користени. Меѓу понудените книги има и такви кои содржат податоци за развојот на одредени населени места во Македонија низ вековите.





