Објавата на владините претставници дека е издадена деветата еврообврзница, по пропаѓањето на првиот обид поради недостиг на потпис од сега веќе поранешниот министер за правда, предизвика големи полемики во јавноста. Опозицијата критикува дека се издава еврообврзница со висока камата, и дека средствата се трошат непродуктивно, а власта вели издадена е под најдобри услови.
Ниту домашните експерти не се согласуваат со владиниот став и укажуваат дека јавнот долг на земјава е на неодржлива патека.

– Клучно е што јавните финансии се на неодржлива патека. Јавниот долг се зголемува во голем дел за враќање на задолжувањето наместо за продуктивни цели. Дури и врапците на гранките знаат дека најголем дел од задолжувањето оди на покривање на корумптивите цели на функционерите – вели поранешниот гувернер Петар Гошев.
Тој за Фактор потенцира дека со ваква каматна стапка нема позитивна вест во издавањето на еврообврзницата.
– Ако цената на задолжувањето е над стапката на раст на економијата, тоа значи дека е апсолутно неодржливо задолжувањето. Со пропагантна фолоскула не упатуваат дека е добро да се задолжиме. Да се задолжуваме со два отсто камата не е добро, а не па со 6, 7 или повеќе проценти камата. Ако државата плаќа само за камати 200 милиони евра годишно, што да очекува населението од таквата состојба. Колку електроцентрали, стадиони и училишта се губат годишно, колку училишта се осакатуваат на тој начин? – прашува Гошев.
Поранешниот гувернер посочува дека неказнивоста од граѓаните е причина повеќе за неодговорно однесување на политичарите.
– Дрскоста на оваа гарнитура е што не упатува дека е добро да се прават кошаркарски игралишта во канцелариите. Но, кога нема инстантна казна од јавноста, туку се чекаат избори, а и на нив нема казна, дрскоста и безобразноста на ваквите функционери уште повеќе ќе се зголемува и ќе продолжат да им се подбиваат на граѓаните – потенцира Гошев.
Eкономисти кои ги консултиравме посочуваат дека јавниот долг не само што е на неодржлива патека, туку последните потези на политичарите на власт укажуваат и на неодговорно однесување. Тие за Фактор велат дека неспособноста на владиниот тим се покажува со упорно зголемување на јавниот долг кој се користи за покривање на старите долгови. Доказ дека не сме навистинската патека е и одложувањето на консолидацијата, а економскиот раст е помал од каматите по кои се земаат новите кредити.
Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини на Фејсбук ги истакна маните на последното задолжување, но и на однесувањето на владините функционери.
– Не е вистина дека аукцијата за издавање на деветтата еврообврзница помина успешно, кога се гледа дека каматната стапка е скоро за еден процент повисока. Не е точно дека интересот на инвеститорите се базира во нивната доверба во политиките кои ги води Владата, зашто се знае дека државите долговите мора да ги вратат.
Задолжувањето заради раздолжување не може ни на среден ни на долг рок да придонесат за поголем раст. За тоа се потребни инвестиции за економски развој. Очекувано беше некој да одговара, зашто од министерот за правда побара потпис откако тој беше разрешен, со што настана оваа штета.
П.с. За секој пропуст кој доведува нешто да пропаѓа, некој треба да одговара – пишува Хајредини.
Критика упати и „Левица“ кои велат „еврообврзницата која беше откажана поради пропустите од нестручните и неписмени владини „експерти“, овој пат ќе нè чини многу повеќе, ќе се плаќа повисока купонска камата од 6,96 отсто!“
– Со новите задолжувања ќе се враќаат старите долгови и ќе се покрива буџетското салдо, кое е негативно во континуитет и изнесува 200 милиони евра. Затоа власта покрај странските задолжувања сè повеќе нè задолжува и на домашниот пазар. Преку државни записи нè задолжија на пократок рок за 163 милиони евра, а преку државни обврзници од кои поголемиот дел достасуваат во 2038 година и со купонска каматна стапка над 5 отсто, Владата ги задолжи и неродените деца само за два месеца во износ од 175 милиони евра – велат од „Левица“.
Укажуваат оти сè почесто доцнат платите во јавниот сектор и се наметнува прашањето за финансиската ликвидност на буџетот и способноста на власта да ги сервисира тековните обврски.
– Идните генерации ќе бидат задолжени со многу поскапи кредити за отплата на старите долгови и камати, за покривање на дупките во буџетот. Решение има, но власта не сака да се замери со странците кои се доминантни сопственици во голем дел од „домашните“ трговски друштва и не воведува прогресивно оданочување, а сузбивањето на сивата економија не е ни започната – потенцираат од „Левица“.





