Иако поканети од Еврејската заедница на Република Македонија, никој од Амбасадата на Бугарија во Скопје, ниту од Генералниот конзулат во Битола, не се појави денеска на одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на 3.350 битолски Евреи во логорите на смртта во Полска.
„Покани се испратени до целиот дипломатски кор. Ние имаме одбележување и комеморација три дена. Кој каде ќе дојде сам одлучува“, изјави Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница.
Наспроти дипломатите во земјава од источниот сосед и нејзин окупатор во Втората светска војна, пред споменикот на жртвите од холокаустот во Битола се поклонија амбасадори и конзули на повеќе држави, меѓу кои и на Германија, Франција, Црна Гора, Босна и Херцеговина, како и граѓани, политичари и гости од Израел.
Леви го осуди отворањето клубови на докажани соработници на фашистите, како тој именуван по Ванчо Михајлов токму во Битола.
„Тоа не се билатерални прашања, туку мултилатерални и за нив треба да бидат загрижени цела Европа и целиот свет. Се знае која беше фашистичката оска, се знае кој ги собра невините еврејски жртви“, рече Леви.
Од споменикот на жртвите на холокаустот во некогашното Еврејско Маало тргна и традиционалниот Марш на живите до железничката станица во Битола, пат што утрото на 11 март 1943 година го пропешачија битолските Евреи пред да бидат превезени со вагони до Скопје, а потоа до логорот Треблинка, од кој никој не се врати.






