Резултатот тоа не го покажува, но ослабениот состав на ракометната репрезентација на Македонија не само што не се посрамоти, туку и му покажа заби на фаворитот Португалија во поразот од 29:23 во Скопје во третото коло од квалификациите за Европското првенство 2024 во Германија.
Во отсуство на Манасков, Георгиевски, Талески, Пешевски, повредениот Павле Атанасиевиќ и Танкоски, „црвено-жолтите“ беа рамноправни во три четвртини од дуелот со носителот на првата група и шестопласирана селекција на ЕП 2020.
Во средината на второто полувреме со три врзани гола без одговор избраниците на селекторот Кирил Лазаров дури и поведоа со 20:19 преку Филип Кузмановски, но потклекнаа во завршницата.
Токму Кузмановски беше најефикасен од игра меѓу 11. македонски стрелци со 5 гола од 8 удари, а Мартин Серафимов ги реализира сите 5 обиди од 7 метри. На спротивната страна незадржливо беше десното крило Антонио Ареја со 10/10.
Реваншот е в недела во Порто и во него Македонија влегува со двете победи над Турција и Луксембург во првите две кола, со кои со една нога веќе се на ЕП, а за сигурен пласман ќе биде доволен уште еден триумф над некоја од овие две селекции на крајот од квалификациите.





