Мицкоски: Само во Македонија кинеска компанија ќе врши надзор на американска

Од 2016 година сопственик на шпанската компанија „Ептиса“ е кинеска компанија и во нејзиниот менаџмент генералниот директор на компанијата е Кинез, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ



Мицкоски: Само во Македонија кинеска компанија ќе врши надзор на американска

Мицкоски ја коментираше вчерашната изјава на вицепремиерот Артан Груби во врска со работењето на една од фирмите, вклучени во надзорот за градба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д, кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

„Јас обелоденив дека компанијата која е дел од од конзорциумот ‘Ептиса’ од Шпанија, од Владата со заклучок во 2020 година, октомври или ноември, на општините и на државните институции им е препорачано да биде исклучена од изборот за договори поголеми од милион евра поради нејзино незаконско, неетичко однесување. Има записник од истата Влада во февруари 2021 година сите важечки договори со истата оваа компанија ‘Ептиса’ да бидат раскинати. Зборуваме за компании кои имаат источен капитал, па треба да бидеме до крај чесни, бидејќи Владата вчера обвинуваше и тогаш претпоставувам дека мислеше на самата себе, бидејќи од 2016 година сопственик на шпанската компанија ‘Ептиса’ е кинеска компанија и во менаџментот на ‘Ептиса’, односно генералниот директор на компанијата е Кинез. Сопственик е кинеска компанија. Е сега ако има некоја држава поисточно од Кина тогаш треба да прецизираат која е таа. Така што, кога ја лажат македонската јавност треба да се свесни дека се лажат и себе си“, истакна Мицкоски.

Тој рече дека ова е прв случај во светската историја во кој кинеска компанија врши надзор на работи кои ги врши американска компанија.

И премиерот Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби вчера на прес-конференцијата во Владата изјавија дека за законитоста на постапката одговараат сите институции кои биле задолжени за избор на надзор и изведувач и оти се е пропишано во Законот за проектот, а најголема гаранција за изведувањето се референците и проектите на изведувачот, во Косово, Албанија, Хрватска,Србија.

Груби кој е задолжен за координирање на проектот повтори дека секој сомнеж вклучително и на опозицијата може да се претстави пред обвинителството. Постапката за избор на надзор, наведе тој, е пропишана во законот што беше донесен во Собранието, а ја спроведе Јавното претпријатие за државни патишта.

За изградбата на четири автопатски делници вчера во Владата беше потпишан договор со конзорциумот „Бехтел и Енка“, додека надзорот ќе го врши ИРД.  

Според договорот што беше потпишан вчера во Владата, конзорциумот „Бехтел и Енка“ на 22 април годинава треба да биде воведен во работа за изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар (17,5 км), Гостивар – Букојчани (30,3 км) и Прилеп -Битола (39,3 км), а на 12 декември и на делницата Требеништа -Струга -Ќафасан во должина од 21,7 километри. 

За изградбата на автопатските делници во вкупна должина од 108,8 километри во вредност од 1,3 милијарди евра, изведувачот доби обврска сам или преку домашни проектански фирми и компании истовремено да проектира и да гради.