Во наредните неколку месеци ќе треба да почне реализацијата за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје, во интерес на сите граѓани. Ова го изјави новата министерка за животна средина, Каја Шукова и рече дека досегашниот застој со изборот на изведувач на тендерот за нејзина изградба е во насока на надминување. Одредени документи кои требаше да бидат потпишани од Водовод и од Градот Скопје се потпишани, по што се очекува старт на овој проект, вели министерката Шукова.
„Мислам дека тој проект конечно се движи во добар правец, одредени документи кои требаше да бидат потпишани од Водовод и од Градот Скопје се потпишани, мислам дека скоро можеме да очекуваме започнување на овој проект“, изјави министерката Шукова.

Таа додаде дека во наредните неколку месеци ќе треба да почне реализацијата на проектот, со кој главниот град конечно ќе добие инфраструктурен објект што ќе ги прочистува отпадните води пред нивното испуштање во реката Вардар. Министерката Шукова најави дека наредните денови ќе се потпише еден од договорите за обезбедување на грант средства за овој проект преку фондовите на Европската Унија, со што ќе се олесни заемот од двете банки кој е веќе потпишан.
„При крајот на овој месец ќе се потпише и тој грант договор“, изјави министерката за животна средина.





