„Нова Македонија“ е името што Република Македонија сама си го предложила, а Грција се согласува тоа да биде решението на 26-годишниот спор меѓу двете земји, јави грчката телевизија Стар.
Според нејзиниот извештај објавен вчера, а базиран на „ексклузивна информација од Брисел“, двете страни и медијаторот на Обединети нации, Метју Нимиц, се согласиле за употребата на името „Нова Македонија“, предложено од Владата во Скопје.
Во извештајот уште се додава дека новото име ќе биде објавено напролет.
Предлогот „Нова Македонија“ датира уште од 1992 година и беше содржан во т.н. „Пакет Пињеиро“ според презимето на министерот за надворешни работи на тогашниот претседавач со Европска унија, Португалија, но Грција го одби.
Токму Стар ТВ непосредно пред продолжувањето на разговорите за разликите за името тврдеше дека предлогот „Нова Македонија“ е на масата пред Нимиц и претставниците на двете земји Васко Наумовски и Адамантиос Василакис во вторникот во Брисел.





