Повторното издавање на деветтата обврзница ја чини државата најмалку 10 милиони евра повеќе

Над 10 милиони евра повеќе ќе плати државата за повторното издавање на деветтата еврообврзница. Финансии вчера ја издаде еврообврзницата за која доби помала сума, но повисока камата. Според информациите од министерството, разликата во купонската камата на оваа и претходната која беше откажана е 0,71%, за што пресметките покажуваат дека претставува разлика од 10 милиони евра повеќе, кои треба да се платат за оваа обврзница.



Но, од финансии нема детали која е приносната камата, односно колку точно пари државата годишно ќе треба да плаќа.

Пресметките на опозициската ВМРО-ДПМНЕ им покажале дека разликата е вкупно 18 милиони евра.

„Согласно земениот принос, во двете последователни аукции и исто земен износ, не може да мешаме две различни цифри на издавање. Со 600 милиони и рокот е ист, тогаш се добива онаа разлика од 18 милиони евра. Ако издадевме за 4годишна обврзница од 600 милиони со 6,50 принос 156 милиони евра. / Ако издадеа пак 600 милиони со ист принос како вчера 7,25%, вкупниот трошок е 174 милиони евра.“ изјави Маја Кадиевска Војновиќ, ВМРО-ДПМНЕ

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека колкава и да е точната разлика која ќе ја платат граѓаните преку државната каса, за овој случај некој треба да сноси одговорност.

„Јас очекував дека министерството, Владата некој ќе повикаат на одговорност што не усрамија пред светот, што открија дека причината што пропадна претходната еврообврзница е дека некому не му текнало дека треба да бара потпис од министерот за правда пред да го разрешат во Собранието. / Сега за да го покријат тој срам, велат дека оваа еврообврзница била поповолна, иако е 1% што не е малку. Не дека е нестручност сакаат да ги покријат своите грешки.“ кажа Џевдет Хајредини, поранашен министер за финансии.

Наместо 600 милиони евра, вчера задолжувањето беше 500, а остатокот од парите, односно 100 милиони евра финансии ги обезбеди од инструментот за макрофинснсиска поддршка на Европската комисија за која добиле камата од приближно 3 отсто. Со најголемиот дел од парите ќе се враќа еврообврзницата издадена во 2016тата година, како и други заеми.