На утрешната седницата (8 Март) на која во Собранието ќе се дискутира за напредокот на родовите прашања во изминатите дваесет години, пратенички ќе побараат донесување на Закон со кој ќе се казнува говорот на омраза.
Направено е многу во поглед на застапеноста на жените и унапредувањето на нивните права, но треба уште многу да се работи, сметаат пратеничките. Како еден од најактуелните прашања и најгорливо во моментов се посочува искажувањето говор на омраза во јавноста.
Само пред една недела имаше два слични вакви инциденти и во Собранието, но завршија со извинување.
Генералната секретарка на Собранието и поранешна пратеничка, која е една од двигател на Клубот на пратенички, Цветанка Иванова во изјава за МИА вели дека говорот на омраза во јавноста треба да се казнува со закон. Говорот на омраза, дискредитацијата и дисквалификацијата, додава Иванова, го рушат нивото на комуникација во сите сфери.
„Кога сме кај говорот на омраза, тој е широко распространет, не само на социјалните мрежи. Сега напредокот на технологијата овозможува практично секој да може за секого да изнесе навреди, омаловажувања, дискредитација и дисквалификации, но уште пострашно е што се случува говор на омраза и на политичката сцена“.
Лолита Ристова, претседателка на Клубот на пратенички во Собранието, зборувајќи за седницата посветена на дваесетгодишнината од основањето на Клубот, потенцира дека еден од заклучоците на оваа седница ќе се однесува токму на говорот на омраза.
„Тоа е нешто што не убива сите, посебно жените. Тоа е нешто коешто е многу насочено, многу токсично во еден период, кога социјалните медиуми земаат се поголем наплив и замав. Во овој дел мора да се воспостави законска регулација на интернет просторот и тоа ќе биде една од нашите следни заложби за коишто како пратенички ќе разговараме со новинарските здруженија, со сите оние коишто работат на пласирање на информации во јавноста, но и оние коишто прават на некој начин злоупотреба на овие медиуми за да пласираат негативни информации во јавноста. Мора да се санкционира тој дел и мора да се најде решение затоа што тоа е присутно. Присутно е, морам да кажам, и во рамки на Собранието“, вели Ристова.







