Ќе го снема ли и сирењето, кашкавалот, но и тестенините од рафтовите на маркетите?! Иако граѓаните со душа чекаат да купат поевтино, тоа е проблем за стопанството. По замрзнувањето на цената на лебот, во најава е и ограничување на цените на други производи меѓу кои и цените на дел од млечните производи, што за компаниите од оваа индустрија претставува дополнителен проблем. Според млекопроизводителите, евентуалното замрзнување на цените ќе биде голем предизвик за млекарската индустрија, која и до сега работи со огромни загуби поради скапите енергенци.

Ограничената маржа на млечните производи на 10%, скапата индустриска струја и нафтата придонесоа дополнителен пад на цените на млечните производи, додаваат млекопроизводителите.
Ако се направи обиколка низ продавниците, во просек килограм кашкавал се продава од 400 до дури 1.000 денари, килограм сирење оди од 300 до 500 денари, во зависност од производителот, литар млекото нема под 70 денари, а слична е и цената на јогуртот. Половина килограм шпагети ако до пред година дена се продаваа под 50 денари, сега тие надминаа 70 денари.
Според државната статистика, млекото, сирењето и јајцата во декември лани, во споредба со истиот месец 2021, биле посапи за дури 40%. Дека ќе има казни ако се утврди прекршување на одлуката најави и директорот на Пазарниот инспекторат, Горан Трајковски.
– Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10.000 евра, затоа апелирам да се почитуваат одлуките, а ние, како институција, и понатаму сме на терен да ја следиме состојбата и да постапуваме при евентуални прекршувања на законските одредби, објави Трајковски.
Останува отворено прашањето кога ќе се случи најавеното замрзнување на други цени, кои нема да траат одреден период, туку цела година.





