Германската влада смета дека класификацијата на осум држави, меѓу кои и Македонија, како т.н. безбедни земји на потекло е оправдана, што значи дека и понатаму ќе се одбиваат барањата за азил од шест балкански земји и од две африкански по таа основа.
„Политичкиот развој во наведените земји не ѝ дава на Сојузната влада никакви причини за менување на одлуката на законодавниот дом“, соопштија од Владиниот кабинет по денешното разгледување на извештајот на 70 страници од Сојузното министерство за внатрешни работи.
Африканските земји Гана и Сенегал се дел од оваа листа уште од 1993 година, а во последниве години на неа се најдоа и балканските држави – Босна и Херцеговина, Србија и Македонија во 2014 година, а Албанија, Косово и Црна Гора во 2015 година. Заднината е напливот на баратели на азил од овие земји во Германија, кои според мислењето на Сојузната влада, немаат никаква основа да бараат заштита. Во 2015 година беше воведена обврската за известување, со која Владата треба на секои две години да се произнесува дали условите за класификација сè уште постојат. Ова е прв извештај од ваков вид.
Европска унија веќе некое време сака да ги прогласи и северноафриканските земји Алжир, Мароко и Тунис за безбедни земји на потекло.





