Ермира Асани Салија, која стана член на 20 септември како предлог на Движење БЕСА, е „последната ластовичка“ во Државната изборна комисија, откако осум од деветте члена поднесоа оставка.
Последни тоа го сторија членовите предложени од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева и Сашо Срцев, а пред нив во текот на денов оставки дадоа и потпретседателот на ДИК, Реџеп Прекопуца, како и Атанас Урумов и Субхи Јакупи. Вчера први пуштија нога претседателот Александар Чичаковски и членовите од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев.
На првата наредна седница Собранието треба да ги констатира нивните оставки, но таа уште не е закажана, иако, според последните информации на МИА, таа може да биде в петок, кога на дневен ред треба да биде и предлог–буџетот за 2018 година.





