Изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев дадена денеска во Приштина дека Косово може да смета на поддршката од Македонија „во сите процеси“, како одговор на новинарско прашање во врска со зачленувањето во УНЕСКО, ја вознемири Србија.
„Како што претседателот Александар Вучиќ пред повеќе месеци најави, македонскиот премиер не си го одржа зборот. Иако јавно даде ветување дека ќе биде воздржан за прашањето на членството на Косово во УНЕСКО и оти тоа ќе биде доказ на пријателството со Србија, Заев реши да ја поддржи Приштина. Заев така покажа дека Вучиќ добро ги познава и луѓето и пригодите, но и што македонскиот премиер навистина мисли за Србија. Таа и нејзиниот претседател се пријатели на Македонија и на нејзините граѓани. Премиерот на Македонија тоа не умее да го почитува“, изјави српскиот министер за одбрана Александар Вулин.
На денешната заедничка прес-конференција со својот косовски колега Рамуш Харадинај претседателот на македонската Влада одговори на новинарско прашање поврзано со членството на Косово во Организација на Обединети нации за образование, наука и култура (УНЕСКО).
„Знаете дека прашањето е одложено, не знаеме точно кога ќе се решава, јас се надевам дека паралелно со тоа ќе се решаваат и билатералните односи на Косово со Србија. Ние даваме голема поддршка на дијалогот кој што е отворен помеѓу Приштина и Белград и во насока на тоа и на решавањето на сите овие прашања. Косово треба да смета на поддршката на Република Македонија во сите свои процеси, но истовремено знаете дека и Република Србија е нашиот сосед, така што во делокругот на добрососедството со сите земји, се надеваме дека и билатерално ќе ги решаваат прашањата, а ние ќе бидеме овде за да ги помогнеме процесите на двете земји“, изјави Заев.





