Во Собрание се подготвуваат законски измени со кои граѓаните кои не ја платиле паричната казна за непочитување на полицискиот час во време на пандемијата, би добиле условна казна.



Според постоечките закони треба да одлежат затворска казна.

На предлог на пратениците Снежана Калеска-Ванчева од СДСМ, Панчо Минов од ГРОМ, Сурија Рашиди од Алијанса на Албанците и Арта Биљали-Зендели од ДУИ во Собранието е доставен предлог закон за амнестија, и тие бараат тој да се донесе по скратена постапка.

„Цели заради која се поднесува овој Предлог закон е овозможување на алтернативна мерка – условна осуда на сторителите на кривичните дела „Пренесување заразна болест“ и „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од Кривичниот законик, кои се сторени за време на прогласена вонредна состојба заради спречување на ширењето на пандемијата со коронавирусот КОВИД-19 – се наведува во законското решение доставено во Собранието, пренесува Фактор.

Со оглед на тоа што законот се предлага од страна на пратеници кои се дел од владејачкото мнозинство, се очекува, пишува „Фактор“ тој побрзо да биде донесен…

Од 1 јануари 2020 година до 30 јуни 2022 година осудени се 1.223 лица на парична казна од по 123.000 денари.

Заради неплаќање на паричната казна Основниот кривичен суд има донесено 280 заменски решенија, со кои спрема 280 лица паричната казна е заменета со казна затвор.

По истите овие решенија издадени се 205 упатни акти за издржување на казна затвор.