Дојави со бомби, вознемирена јавност – зошто државата не може да го открие анонимниот заканувач?!

„Почитувани родители, во училиштето повторно има дојава за бомба. Децата се во дворот со наставниците. Ве замолуваме да дојдете по нив да ги земете“.



Вакви или слични пораки речиси станаа секојдневие за стотици родители чии деца одат во пониските одделенија во македонските училишта. Анонимните лажни дојави за бомби кои веќе пет месеци пристигаат на училишните мејл адреси го наруши образовниот процес. Учениците губат часови, родителите се вознемирени, а властите креваат раце во неможност да го лоцираат мистериозниот заканувач. Додека полицијата наутро ги проверува училниците од поставена експлозивна направа, никој со сигурност не може да каже уште колку време ќе трае оваа „вонредна ситуација“.

Гоце Бумбаровски, наставник по одделенска настава во општинското основно училиште „Кочо Рацин“ во Прилеп, вели дека иако во неговото училиште досега немало дојава за бомба, тој го доживеал искуството кое го делат илјадници родители низ земјата.

„Во училиштето каде што моето дете учи, имаше дојава за бомба, и навистина тоа е стресно, не само за наставниците, не само за родителите, туку и за самите ученици. Е сега, ние возрасните тука треба да бидеме присебни и на еден добар начин да им објасниме што се случува, затоа што има ученици кои што се навистина загрижени, загрижени се за движењето до училиште и назад, а има ученици кои што воопшто не се ни отпретуваат со таа работа, дури им е смешна таа ситуација“, објаснува Бумбаровски.

Тој вели дека во едно прилепско училиште зачестиле дојавите за бомби кои дури отстапуваат од заканите кои се пуштаат во други училишта, па во пораките имало и закана за пукање во прозорци.

„Можеби во прво време (н.з. учениците) беа вознемирени, но веќе им стана секојдневие. Дури сега некои ученици молат бога да има дојава, па да си заминат од училиште, и тоа навистина е проблем со кој што веќе понатаму ќе се соочиме ние возрасните, а и самите ученици, затоа што тоа фактички ни е целта. Образовниот процес треба да трае и да биде непрекинат“, потенцира Бумбаровски

Секојдневни евакуации

Радио МОФ преку Инстаграм направи анкета помеѓу нашите следбеници – основци и средношколци, за последиците кои тие ги трпат од редовните дојави за бомби, евакуации и губењето часови.

Од 126 луѓе кои гласале на нашата анкета најголем број од нив, односно 45% велат дека биле евакуирани од своите училишта повеќе од 5 пати поради дојави за бомби. 14% одговориле дека биле евакуирани помеѓу 1-5 пати, додека 41% од нив досега не биле евакуирани.

Реакциите на младите се движат од разочараност и револт, до резигнираност и по некој саркастичен коментар како „преубаво, поубаво не може да биде“.

„Живеам спроти ‘Ѓорѓи Димитров’ и скоро секој ден има евакуација. Језиво е од една страна, а од друга страна апсурдно е и глупаво што се случуваат вакви глупости и никој не сфаќа ништо сериозно“, вели еден од оние кои одговорија на нашата онлајн анкета.

„На почетокот беше стресно, но сега ни е сеедно“, стои во друг одговор кој го добивме.

Но, покрај нарушувањето на образованиот процес целата оваа ситуација остава и последици по менталното здравје кај бројни ученици. На нашата анкета добивме повеќе коментари на загрижени ученици кои велат дека губат мотивација за учење и одење на часови, или пак вознемиреност од тоа дека ќе им се натрупа наставниот материјал.

„Мојата ќерка е видно вознемирена, иако се трудиме да објаснуваме дека (н.з. дојавите) се лажни“, ни коментираше еден родител на Инстаграм анкетата.

„Ми го рушат планот на денот и не можам да функционирам ако не ми е се` по план“ и „Видно се зголемува пелтечењето“, се уште некои од коментарите кои ги добивме.

Лука Павиќевиќ, претседателот на Сојузот на средношколци, вели дека кај учениците доминира чувство на замореност, бидејќи дојавите за бомби се случуваат веќе подолг временски период, а во некои училишта и секојдневно.

„Дефинитивно доминира едно чувство на замореност, бидејќи дојавите за бомби се случуваат еден подолг временски период, во некои училишта и секојдневно. Мислам дека стравот дека навистина има бомба веќе не е толку застапен, но со честите дојави, со прекинувањето и пореметувањето на наставата се доведовме во една ситуација и учениците и професорите да се чувствуваат заморено од сето ова“, вели Павиќевиќ.

„Загрижен сум поради две причини. Едната е прекинот на образовниот процес, односно фактот дека оваа генерација која сега е 4 година своето средно образование не го доживеа на најдобар можен начин, бидејќи цело време имаше некои пореметувања – пандемија, штрајк на професори, продолжување на зимски распуст и сега дојави со бомби. И, всушност, на крајот излегува дека ефективно многу малку било пренесено како знаење и вештини. Втората причина која загрижува е целокупната безбедносна состојба на државата. Бидејќи ако некој или некои, повеќе чинители, цело време испраќаат дојави со бомби, а државата гледаме дека не ги наоѓа сторителите се доведува во прашање и самата безбедносна ситуација во земјата“, додава тој.

Во истрагата вклучени и НАТО, Интерпол, Европол…

Од првата дојава за бомба на 26 октомври досега стигнале закани на преку 1.000 различни локации. Први на удар беа училиштата во Скопје. Подоцна заканите за бомби се проширија и на училишта во други градови низ земјата. Како што поминуваше времето, дојави за бомби беа пријавувани на најразлични места, од трговски центри, деловни објекти, железничка станица, полициска станица, до станбени објекти и државни институции.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека станува збор за хибридни закани кои се случуваат и во други земји од источниот дел на Европа и пошироко. Според нив, иако досега сите пријави се утврдени како лажни, целта е да се создаде чувство на несигурност и страв, па според тоа овие постапки се квалификуваат како кривично дело „тероризам“.

Содржината на дојавите, за оние кои беа јавно објавени се однесуваше на политички мотиви, со закани дека голем број луѓе ќе загинат поради бомбите, напишани на македонски јазик, но со многу печатни грешки, кои сугерираа дека се користело некаква онлајн алатка за превод.

„Заканите најчесто доаѓаат од ВПН адреси. Мора да се спомене дека при овие организирани хибридни закани, се јавуваат и други лица кои поради лични интереси, наивност, љубопитност и други побуди влетуваат во овој систем, но досега сите вакви активности од наша страна се откриени и против лицата се поднесени соодветни кривични пројави, по кои постапува Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција“, посочуваат од МВР.

„Самите истраги се исклучително комплексни, поврзани со меѓународна размена на информации и поддршка како и со барања за мeѓународна правна помош. Притоа, вклучени се сите институции во државата од безбедносниот сектор, како и од земјите членки на ЕУ и НАТО, Интерпол, Европол, сите партнерски организации и со сите расположливи капацитети се преземаат мерки за расчистување на случаите“, додаваат од Министерството.

Анонимност преку ВПН

ВПН (виртуелна приватна мрежа) конекција овозможува менување на оригиналната ИП адреса на корисникот. Токму ова претставува голем проблем при обидите да се открие од каде се испраќаат заканите. Практично, корисникот од својот компјутер преку ВПН лесно може да ја промени локацијата на ИП адресата од која испраќа мејл и на тој начин да изгледа дека мејлот е испратен од сосема друга држава.

Радио МОФ го контактираше „НордВПН“, еден од најголемите ВПН провајдери во светот, од каде ни потврдија дека досега не биле контактирани од македонските власти во врска со заканите со бомби во училиштата.

Оттаму велат дека не постојат технички мерки кои би го спречиле праќањето на ваквите видови закани,

„Постојат многу начини за да испратите порака анонимно, особено ако зборуваме за дигиталниот простор. Па, фокусирањето на начинот на испраќање на заканата може да даде лажно чувство на некаков напредок. Најголемиот дел од угледните ВПН компании имаат „no-log“ политика, што значи дека не чуваат информации за онлајн активноста на нивните корисници“, вели Лора Тирилит, директорка за односи со јавност на „Норд Секјурити“, под чија капа се наоѓа „НордВПН“.

Седиштето на оваа компанија се наоѓа во Панама и тие функционираат под законите на оваа земја. Во делот „барање на податоци“ на нивниот сајт стои дека Панама не ги обврзува да чуваат податоци за онлајн активноста на нивните корисници, па според тоа тие не ја чуваат историјата на пребарувања, информациите за сообраќајот или ИП адресите кои се користат за пристап до интернет на корисниците.

„Поради тоа, дури и ако добиеме правно обврзувачко барање, може да е невозможно ние да идентификуваме конкретно лице или да дадеме информации со кои би се идентификувало тоа лице. Во случаи каде по соодветен правен процес ние сме обврзани да соработуваме по барањето и кога можеме да идентификуваме конкретно лице, ние ќе ги обезбедиме лимитираните податоци кои ги процесираме во согласност со нашата Политика на приватност, доколку тоа спаѓа во опфатот на барањето“, стои на сајтот на компанијата.