Харадинај и Заев согласни за меѓународна истрага за „Диво Насеље“

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај и неговиот македонски колега и гостин денеска во Приштина, Зоран Заев, се согласија за меѓународна истрага за случајот „Диво Насеље“, кој ги брануваше односите меѓу двата соседа по изрекувањето на пресудите за членовите на т.н. Кумановска група во почетокот на ноември.



„Тоа е чувствително прашање. Ние се согласивме да има меѓународна истрага, со цел граѓаните да можат да ги добијат вистинските одговори. Ова прашање не треба да биде пречка во односите меѓу двете земји“, рече Заев на заедничката прес-конференција.

Во дводневниот судир во кумановско Диво Насеље во мај 2015 година загинаа осум македонски полицајци и десетмина од инфилтрираната оружена група. Вкупно 37 нејзини членови беа обвинети за тероризам од Кривичниот суд во Скопје, кој на 2 ноември седуммина од нив ги осуди со доживотна казна затвор, 13-мина добија по 40 години, шестмина по 20, еден 18, двајца по 14, двајца по 13 и двајца по 12, а четворица беа ослободени.

Владата на Косово потоа донесе одлука за доделување вкупна парична помош од 219.000 евра за семејствата на косовските граѓани осудени во случајот.