Пратеникот Јохан Тарчуловски нема да учествува заедно со Министерство за внатрешни работи во солидарна исплата на отштета од еден милион евра што ја бара семејството на убиениот Рами Јусуфи во Љуботен во конфликтот во 2001 година.
Основниот суд Скопје 2 го отфрлил проширувањето на барањето за отштета на Тарчуловски и за тоа останува да се товари само МВР.
Судот, кој денеска ја заврши расправата по тужбата на Елмаз и Зејнеп Јусуфи, изрекувањето на пресудата го закажа за 19 декември во 14:10 часот.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој моментно е во домашен притвор за настаните од 27 април во Собрание, доби 12 години затвор од Хашкиот трибунал за воени злосторства токму за акцијата на безбедносните сили во Љуботен од 10 до 12 август 2001 година. Тогаш беа убиени десет цивили, меѓу кои и 33-годишниот Јусуфи.





