Додека се шеташ по светот, дома се множат проблемите, му порача вчера Владимир Милчин на македонскиот премиер, Зоран Заев,
Во „отвореното писмо“ на Фејсбук, кое експресно се прошири на социјалните мрежи, а делови пренесоа и некои медиуми, поранешниот прв човек на Фондацијата Отворено општество, вели дека „не е време за куртоазни визити додека новоизбраните функционери аздисуваат. Соочи се со секојдневието во кое граѓаните не ги препознаваат ветувањата“.
Милчин порачува дека членството во НАТО и во ЕУ, кое сè уште не се на дофат на рацете, не можат да бидат компензација за стравувањата дека паролата „Живот за сите“ ќе остане само парола.
„Граѓаните остануваат без здив не само поради недостигот на чист воздух, туку и поради недостигот на пристојност и морал кај избраните и именуваните функционери, поради нивното фарисејство, ароганцијата и ненаситноста.
Сиромаштијата е тешко поднослива, но најнеподнослива е кога граѓаните знаат дека се плен на безобразно богати криминалци кои се кријат под скутот на власта“ – пишува меѓу другото Милчин и бара премиерот Заев да преземе конкретни чекори и одговорност за „конфликтите на интереси, клиентелизмот, непотизмот, расипништвото и разгаќеноста во јавната администрација…“





