Хрватскиот славист и македонист Горан Калоѓера реагира за преименувањето на улицата „Војдан Чернодрински“ во „Оџа Атаулах Куртиши“ во скопски Чаир.



„Вчера ја прочитав веста дека општина Чаир (една од десетте општини кои го сочинуваат град Скопје) ја губи улицата ‘Војдан Чернодрински’ и ја заменува со името на некој оџа. Немам ништо против оџата, ниту знам нешто за него, можеби бил голем човек, но тоа не ме интересира. Секоја чест за него и мирно да почива.

Знам дека најголем дел од населението во оваа општина се Албанци, затоа не сум изненаден. Ме чуди што исчезнува и се губи името на Војдан Чернодрински, еден од исклучително важните луѓе во контекст на македонското книжевно и културно наследство. Чернодрински замина и дојде оџа. Ништо чудно, вакви чуда се случуваат и во Хрватска, едни исчезнуваат, други доаѓаат… велат новите времиња. Ама, ајде да видиме кого тоа отстраниле албанските советници.

Војдан Поп Георгиев Чернодрински најголем дел од животот го поминува во Бугарија, како, впрочем, сите мислечки Македонци кои бегале од турскиот терор. Во Бугарија организира драмски клуб (‘Македонска слога’), а подоцна и патувачки театар ‘Скрб (тага) и утеха’, за чии потреби пишувал драмски текстови, политички интонирани. Напоменувам дека овие текстови во самото срце на бугарската држава имале функција на идејна мобилизација на Македонците. За потребите на „Кружокот“ ги пишуваше драмите ‘Дрварите’, ‘Во меаната’, ‘На Нова Година’. Негово капитално дело е ‘Македонска крвава свадба’, која е изведена во неколку илјади претстави. Ја напиша и првата македонска опера ‘Средба’, која е првата македонска драма во стихови. Пишуваше поезија и проза, беше и публицист, речиси до смртта. Во ракопис остави две големи стихозбирки. Од неговото наследство треба да се спомнат и драмските текстови ‘Робот и агата’, ‘Од главата страдаме’, ‘Зло за зло’, ‘Слав Драгота’, сите инспирирани од македонската подалечна и поблиска историја.

И ни отиде Чернодрински и дојде оџата. И сите молчат, никој не се буни, никој не проговара, оти нема смисла. И сега се најде една будала од Хрватска која мисли дека ова не е в ред. И сите молчат, молчењето е злато во Македонија. Нека му улица на оџата, но не заборавајте го Чернодрински!“, коментира на Фејсбук поранешниот почесен конзул на Македонија во Хрватска и професор по македонистика и кроатистика на Универзитетот во Риека.