Косовскиот премиер Албин Курти во писмо до украинскиот претседател Володимир Зеленски по повод првата годишнина од војната во Украина вели дека приказните за Косово и за Украина „имаат очигледна сличност“.
Во писмото испратено до медиумите од неговиот кабинет, Курти додава дека станува збор за два народа кои изгубиле многу од своите најдобри граѓани поради, како што наведе, „империјалистичките планови на соседните земји“.
Тој потсети и на „хуманитарната интервенција“ на НАТО врз тогашна СР Југославија, кога, според неговото толкување, „19 демократски држави се собраа за да го запрат геноцидот на Србија“ врз народот на Косово.
„Сега сте на фронтот на нова војна која мора да стави крај на рускиот геноцид врз вашиот народ, како и на нејзините империјалистички обиди да ја окупира вашата територија. И уште еднаш сте поддржани од демократските држави, земји-членки на НАТО, како што нè поддржаа нас“, се наведува во писмото.
Курти пишува и дека Украинците се борат за заштита на демократијата, територијалниот интегритет, човековите права и слободи, правата на народот и суверенитетот на државата и тврди дека овие вредности се „загрозени во нашиот регион“ поради, како што вели, желбата на Белград, „главниот сојузник на Русија на Балканот“, да го поткопа суверенитетот на Косово.
„Затоа, во многу реална смисла, вашата цел е и наша цел; вашата битка е и наша битка“, порача Курти во писмото дом Зеленски.





