Во изминатите три децении, граѓаните на Македонија се пљачкосувани на разни начини

Во изминатите три децении, граѓаните на Македонија се пљачкосувани на разни начини: преку матни продажби на државни компании на домашни и странски резиденти и преку бројни лажирани тендери. Но, суштината е иста: прелевање (крадење) јавни пари и имот во полза на туѓи адреси. Во овој текст ќе стане збор за случајот „Македонски Телеком“. Еден од најпарадигматичните примери за соголувањето на нашиот народ – од домашни и од странски разбојници.



Зделка за славје со зурли и тапани

На 01.01.1997 година, социјалистичкото прeтпријатие „ПТТ Македонија“ беше поделено на два правни субјекта: АД „Македонски телекомуникации“ и АД „Македонски пошти“.

Во март 1998 година, АД „Македонски телекомуникации“ е регистрирана како акционерско друштво во јавна сопственост, за да биде подготвена за „отуѓување“. Подготовката за тоа ја почна Владата, предводена од СДСМ, под претседателство на Бранко Црвенковски. „Среќата“ да ја продаде му се насмевна на Љубчо Георгиевски (ВМРО-ДПМНЕ). Патем, сите македонски функционери се среќни кога продаваат државен имот, особено на купувачи од странство.

На 15.01.2001година, Владата на Република Македонија (предводена од Љубчо Георгиевски), му продаде 51% од вкупните акции на „Македонски Телеком“, на конзорциум предводен од унгарскиот доминантен давател на телекомуникациски услуги „МАТАВ“ (филијала на „Дојче Телеком“) за 317 милиони евра.

Од 1.6.2008 година АД „Македонски телекомуникации“ официјално стана дел од групацијата „Дојче Телеком“.

Што посебно „бодеше очи“ во врска со договорената продажба на компанијата?

Доколку не ја проблематизираме самата одлука за продажба на таква компанија (а би требало), посебно „бодат“ очи неколку работи:

  • Мнозинскиот, односно, контролниот пакет од 51% од акциите на компанијатa, рековме, продаден само за 317 милиони евра. Вистински дар за купувачот. Компанијата да остане монопол, дури и неколку години по продажбата (односно, до крајот на 2004 година). Имено, државата да ја заштити од конкуренција, да не издава лиценца за работа на друг телекомуникациски субјект на пазарот на Македонија. И не толку важно, но не и безначајно: профитот остварен во финансиската 2001 година, да не се разделува помеѓу акционерите.

Купувачот („Маѓар Телеком“, посредно „Дојче Телеком“) – со ниската цена што ја платил за купувањето; со сознанијата за дотогашната годишна добивка на државното претпријатие „Македонски телекомуникации“ (ретко помала од 100 милиони марки годишно); со одредбата за блокирање влез на конкурентска компанија и за наредните три години – однапред знаел дека вложените пари ќе ги поврати (репатрира) уште во првите две до три години.

Нормално, таквата зделка, од страна на купувачот, се прославува со зурли и тапани. Багателно добил кокошка што носи златни јајца. Но, на 15.01.2001 година, славела и втората, „нашата“, страна: Љубчо Георгиевски (тогаш премиер), Љупчо Балковски (министер за транспорт и врски) и Ден Дончев (менаџер во државното претпријатие. Славеле како пресреќни компрадори. Задоволно си ги триеле рацете – без да им излезе ни еден „плускавец“ – зашто, таа зделка била добра за нив, но не знаеле или не сакале да знаат дека не е добра за граѓаните на Македонија.

Со продажбата на АД „Македонски телекомуникации“ и претходно на рафинеријата „Окта“ (1999 година), всушност, почна втората етапа од приватизацијата на државниот капиталот на Македонија. Овој пат на странски сопственици со „неоколонијална  економска моќ“. Всушност, почна процесот на претворање на Македонците во евтини печалбари и во сопствената држава. Демонстрација дека полесно го прифаќаме измеќарството отколку господарството.

Како јас ги налутив „босовите“ на Телеком?

На 1 ноември 2002 година, почна мојот мандат – министер за финансии. Немаше време за усвојување предновогодишен буџет за наредната 2003 година. Не само поради кусокот време. Повеќе, поради нужноста да склучиме аранжман со ММФ, по пустошот во јавните финансии сторен од владата на Георгиевски, не без влијание од меѓуетничката војна во 2001 година. Финансирањето во првиот квартал го вршевме со Закон/Одлука за времено финансирање. Тогаш констатирав дека две години по ред (не само за првата – договорената) не е извршена делба на дивиденда помеѓу акционерите на Телеком: Владата на РМ и „Маѓар Телеком“.

Во месец мај, поттикнат од новинарско прашање ја дадов следнава изјава (парафразирам): Менаџментот на АД „Македонски телекомуникации“, преку „трансферни цени“, уште во текот на годината го „испумпува“ (одлева) доходот на компанијата и прикажува потценети финансиски резултати; нереално ги зголемува расходите за да остане помалку дивиденда за нашата држава и да ѝ плати помалку даноци.

За помалку упатените, „трансферни цени“ се цени по кои добрата и услугите се трансферираат помеѓу поврзани ентитети, или организациски единици во рамките на иста компанија. Во конкретниов случај, мојата поента беше – со нивни поврзани „пријателски“ добавувачи, или фиктивно неповрзани со АД „Македонски Телеком“. Така трансферираниот, всушност, „украден доход“ од компанијата, потоа, се разбира, тие знаат како меѓусебно да си го распределат.

Дадената изјава воопшто не им се допаднала ни на менаџерите во Скопје (Унгарци) ни на нивните претпоставени во Будимпешта. Само три дена потоа, еден од нив (Andras Balogh) побара да го примам на разговор во Министерството. Го примив. Со првата реченица веднаш ми се пожали дека мојата изјава била некоректна. Дека многу ги погодила и дека тие сакаат да имаат „добра соработка“ со Владата. И, не рече, но во контекстот на средбата така излезе, како знак на „добра волја“, понуди, конечно, „да почнеме со исплата (поделба) на дивиденда помеѓу акционерите“. Го прашав: „А колкав износ предлагате за поделба?“ Стануваше збор за финансиската 2002 година. „Двесте милиони!“. „Денари или евра?“ – додадов. „Денари“, рече, без никаков срам (нецели 3,3 милиони евра). Го погледнав и му реков: „Благодарам, задржете си ги сите тие пари само за вас“. Истовремено, му се заблагодарив за посетата. Не му беше пријатен крајот, но мораше да си замине.

Го информирав Црвенковски (премиерот) и му реков дека од следниот ден ќе испратам неколку инспекции во АД „Македонски телекомуникации“ (даночна, трудова…) за да го претресат работењето на Компанијата, нагласувајќи му дека „странскиве персони“ си играат мајтап со нашата држава. Го информирав, зашто ми беше јасно дека по неколку дена, највисокото раководство на компанијата сигурно ќе бара прием кај него.

Така и се случи. По неколку дена, со Црвенковски примивме делегација од тројца нивни високи раководители, на чело со Elek Straub, главниот шеф од Будимпешта. Споменатиов ги кажа истите фрази за нивната желба за добра соработка со Владата и исто така понуди да почнеме со поделба на дивиденда. На прашањето на Црвенковски за колкав износ се работи, рече – 500 милиони денари (малку над 8 милиони евра „само“ за Владата. На тоа, Црвенковски веднаш му се заблагодари за посетата, без никаков коментар за понудата.

Беа вџашени, но тргнаа кон излезната врата. Со Црвенковски разговаравме пред состанокот. Мојот став беше дека не треба да лицитираме износи, туку да бараме стручно утврдување на реалниот финансиски резултат на фирмата, за годината што измина (2002 година) Тоа треба да покаже колкав е профитот и колку кому, според процентот на акциите, ќе му припадне. Кратко потоа, кон крајот на јуни, Црвенковски замина на познатиот самит во Грција: ЕУ – Западен Балкан.

Таму бил и спомнатиот Elek Straub. Се сретнале и го решиле прашањето. Ми се јави од таму и ми соопшти дека понудата била 1.170 милиони денари (околу 19 милиони евра) за нашата држава. На Црвенковски тоа му се сторило доволно добра понуда (во споредба со претходните) и ја прифатил.

Дали тоа беше избрзано? Бездруго! Требаше да продолжиме со притисокот! Не само порди тоа што подоцна ќе се обелодени дека добивката на компанијата за таа година изнесувала над 100 милиони евра. Што значи дека „ни дале“ најмалку двојно помалку. Уште повеќе што со тоа го прекинавме притискот да им покажеме дека финансиските резултати мора да бидат точно прикажувани, дека нема да дозволиме  никој да се мајтапи со државата со навредливи лицитирања за распределба на добивката, дека нема да толерираме такви нездрави практики во државата. Подолу ќе видиме кон какви нездрави политики и практики прибегнал менаџментот на компанијата, во отсуство на редовна стручна (непристрасна) ревизија на нејзините годишни финансиски сметки.

Но, ако не друго, Маѓарите („главатарите“ на Компанијата) ги „запаметиле“ моите изјави и ставови.

Како ме казнија гангстерите од Будимпешта?

До крајот на 1999 година го подготвив за живеење и долниот кат од мојата куќа. И на почетокот од 2000 година решив да го издавам. Пријавив во Агенцијата за недвижности „Ренесанс“. Дојдоа, проценија и рекоа: бидејќи има и дворно место и е убаво уредено, ќе бараме 2.000 евра месечна станарина. Во тој период станарините беа високи, како никогаш претходно. Пред, за време и непосредно по војната од 2001 година, во државава „вриеше“ од странци.

Брзо ми го доведоа станарот, Унгарец, Иштван, на добра позиција во АД „Македонски телеком“, со месечна плата од 24.000 евра. Го бендиса станот и почна да живее. Кон крајот на 2003 година го продолживме договорот и за 2004 година, со замолница дека би сакал и идната, 2005 г одина, да живее во него. Неколку дена по четвртото продолжување на Договорот, бев сменет од министер за финансии. Три дена по мојата смена добив директно писмо од службите на Телеком дека го откажуваат штотуку потпишаниот договор. Го сретнав „мојот“ Иштван, го прашав дали се враќа во Унгарија. Рече, „не, останувам, но мора да ја променам адресата на живеење“. Се ракувавме и му посакав сé најдобро!

Но, јас не бев единствениот кому истиве газди „му паметат“ што кажал и затоа го казнуваат. Јавноста се сеќава на случајот со Симо Груевски. Како претставник на државата во Бордот на директори на Телеком, се спротивставил на некои нездрави практики на менаџментот на компанијата. И откако се уверил дека немаат фајде неговите реакции пред органите на компанијата, исто така и од информирањето на Владата, која таму го испратила да ги штити нејзините интереси, решил да ја информира јавноста преку прес-конференција, обелоденувајќи дел од валканиците.

Главниот извршен директор веднаш (09.04.2004 година) му врачил отказ, без отказен рок. Ни Владата, ни судовите, не го заштитија од казната за доблесната работа. Ја загуби битката против корумпираниот џин, поддржан од корумпираната државна администрација и од корумпираното судство. Независно од тоа што интерната ревизија, наложена од Одборот за ревизија на „Маѓар Телеком“, извршена од независниот правен консултант White & Case, за состојбите во „Македонски Телеком“ (во белешките кон консолидираните финансиски извештаи од 2009 година), навел: „Во периодот меѓу 2000 и 2006 година мала група на поранешни членови на Извршниот менаџмент на „Маџар Телеком“ и македонските подружници на „Маџар Телеком“ одобриле издатоци од приближно 24 милиони евра, преку повеќе од 20 сомнителни договори за консултантски услуги, за лобирање (вистинскиот израз е ‘подмитување’) и за други договори (вклучувајќи и одредени договори помеѓу „Маџар Телеком“ и неговите подружници, од една страна и подружници на консултантска компанија со седиште на Кипар, од друга страна). Финалниот извештај заклучува дека „достапните докази не утврдуваат дека договорите според кои се направени овие издатоци биле легитимни“.

И покрај ова, „слугата Јернеј“ (Симо Груевски) остана без неговото право до денешни дни. Како, впрочем, и многу други – името им е легион!

Ѓаволот „ни копа ни ора“ – повторното соочување со одмаздничкиот, корумпирачки и корумпиран менаџмент

По шест месеци, стапив на должноста гувернер на НБРМ (крајот на мај, 2004 одина). Месец дена потоа, секретарот на Банката ме информираше дека истекол Договорот за мобилната телефонија, склучен меѓу НБРМ и дотогашниот снабдувач, АД „Македонски Телеком“. Му реков: „Распишете оглас, нема потреба за тоа да ме прашувате“.

Службата го објави огласот, според Законот за јавни набавки. Клучен за изборот беше факторот цена за услугата. „Космофон“ понудил пониски цени за услугата. Дојде истиот секретар, ми го кажа тоа и ме праша: „Како да одлучиме?“ Веројатно, според некои поранешни навики. Му реков: „Одлучете во согласност со Законот!“. Ме погледна и замина. Комисијата се определила (како што треба) за поевтината понуда, за „Космофон“.

По тој ден, корумпираниот Атила Сендреј (главниот извршен директор на АД „Македонски Телеком“) секоја недела бараше да го примам во кабинетот на НБРМ. Секој месец, со посебно извезен текст, „благоугодувачки“, ме канеа на нивните мали и големи прослави (организирани приеми по разни поводи). Ги игнорирав. Фрчеа интервенции, од повеќе страни, да го примам на разговор спомнатиот „шакал“.

По шест месеци, се решив да го примам. Дојде „шакалот“ со покојниот Жарко Луковски – близок пријател на Груевски и на Сашо Мијалков. Се разбира, не бев сам. Никогаш такви луѓе не примам на разговор во „четири очи“. Мора да има некој од моите соработници.

„Шакалот“ ми изложи понуда, со цени двојно пониски од оние со кои учествуваа на тендерот. Патем, додаде: „Ова да остане само меѓу нас“. Му се заблагодарив за новата понуда и му реков: „Одлично, да настапевте со оваа понуда на тендерот, сигурно ќе победевте! Но, одлуката е донесена во согласност со понудите. Тендерот, откако заврши, не можеме да го поништуваме. Следниот пат, ако се јавите со оваа или уште подобра понуда и ако никој не понуди подобро од тоа, бидете сигурни, вие ќе ја снабдувате НБРМ со вашите услуги“.

Така заврши мојата приказна со АД „Македонски Телеком“. Но, не заврши приказната на нашата држава со нив и молзењето на нашиот сиромашен народ. Не заврши, затоа што не само што не пресуши, туку бликна уште посилно, изворот на корумпирани функционери.