Министерот за надворешни работи Бујар Османи се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации на отворената дебата за Украина на тема „Зајакнување на одговорноста и правдата за прекршување на меѓународното право“.



На вчерашната 11-та Специјална итна седница на Генералното собрание на ОН, беше усвоена Резолуцијата за праведен и траен мир во Украина. Во тој контекст, пред Советот за безбедност Османи истакна дека Македонија ја поддржува оваа резолуција и е меѓу нејзините главни ко-спонзори.

„За зачувување на мирот и безбедноста, потребна е максимална акција за придржување кон меѓународното право и меѓународното хуманитарно право“ рече шефот на македонската дипломатија.

Османи, како што информираат од МНР, во своето обраќање уште еднаш ја истакна поддршката од Македонија за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.

Министерот ја обвини Русија за постојаните напади во урбаните области, оставајќи ги цивилите и градовите без пристап до основни човечки потреби.

„Досегашните истраги во повеќето нападнати градови во Украина водат до заклучок дека се извршени воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече Османи, споменувајќи и извршена сексуална злоупотреба и насилство врз жени и девојчиња, што е сериозно кршење на меѓународните човекови права и меѓународното хуманитарно право.

„Сторителите на овие злосторства мора да одговараат и да бидат изведени пред лицето на правдата“, нагласил Османи.

Тој нагласи дека како Претседавач со ОБСЕ сака да стави акцент на Московскиот механизам на ОБСЕ како важен извор, со цел да се утврдат фактите за можните воени злосторства и злосторствата против човештвото. Ова е, рече Османи, со цел извршените злосторства да се презентираат пред релевантните механизми за одговорност, како и пред меѓународните судови или трибунали.